Двете кинески вакцини против корона вирусот, за кои Пекинг, а и одреден број влади и луѓе низ светот сметаа или сметаат дека ќе станат симбол на престиж за Кина и за нејзината научна платформа, се соочуваат со низа негативни реакции и неповолни бројки. Властите во Турција и во Бразил, но и во други земји во светот, претежно од групата „во развој“ реагираа дека кинеските компании што ги произведуваат двете вакцини бавно ги доставуваат дозите или состојките. Дополнително, се појавија и резултати од испитувања што ги доведуваат во сомнеж тврдењата на кинеските фармацевтски компании.
Минатата седмица излегоа податоците од доцна фаза на испитување на CoronaVac на кинеската компанија „Синовак“ во Бразил, кои покажуваат многу пониска ефикасност од наведената – односно, само 50,38 отсто, што е само за влакно повеќе од прагот зацртан од Светската здравствена организација (50 отсто) и многу помалку од ефикасноста од 78 отсто што месецов беше изнесена како бројка од страна на Кина.
Ова несовпаѓање доведе до сомневање кај некои научници и ја расклати довербата низ светот во вакцините создадени во Кина.
„Бидејќи многу земји сакаат да ја нарачаат или пак веќе ја нарачале вакцината на ‘Синовак’, тоа може да ја намали согласноста на луѓето да ја примат, оти ќе се прашуваат за корисноста од вакцините. Тоа може да биде камен за сопнување“, за Си-ен-ен вели Јангжонг Хуанг, висок научен советник за глобално здравје во „Советот за надворешни работи“ (Council on Foreign Relations) од САД и експерт за кинескиот јавен здравствен систем.
Студен туш од Бразил
Резултатите од Бразил посочуваат дека CoronaVac е многу понеефикасна од вакцините на Фајзер-БиоНТек и на Модерна, кои имаат стапка на ефикасност од околу 95 отсто. Русија вели дека нејзината вакцина „Спутњик V“ има ефикасност од 91 отсто, додека британската вакцина, развиена од Оксфордскиот универзитет и АстраЗенека има просечна ефикасност од 70 отсто. CoronaVac на Синовак има пониска ефикасност и од нејзиниот домашен конкурент, владината компанија Синофарм, чија вакцина има 79,34 отсто ефикасност.
Досега 24 земји, од нив голем дел со ниски или средни приходи потпишаа договори со кинеските производители, во време кога побогатите држави ги „зафатија“ дозите вакцини од Фајзер-БиоНТек и Модерна. Но доцнењето на испораките и пониската ефикасност може да значат дека на посиромашните земји ќе им треба подолго време да го надвладеат вирусот.
Официјален Пекинг соочен со приговори
Властите во Пекинг, коишто се надеваат дека вакцините ќе ја подобрат глобалната репутација на Кина, сега се ставени во дефанзива. Државните кинески медиуми почнаа кампања со дезинформации против американските вакцини, поставувајќи ја под прашалник безбедноста на производите на Фајзер-БиоНТек и Модерна и промовирајќи ги кинеските вакцини како подобра алтернатива. Тие исто така шират видеа што претходно биле пласирани од анти-ваксерите во САД, пишува „Њујорк Тајмс“.
Во меѓувреме, Кина е на исто ниво со САД по бројот на производители на вакцини против корона вирусот – обете земји имаат по два производитела, но за разлика од вакцините на Фајзер-БиоНТек и Модерна, кинеските дози може да чуваат на температура на обични фрижидери и полесно се транспортираат, со што се многу поприфатливи за светот во развој.
Но, ако се погледне на другиот тас, уште е свеж глобалниот револт од постапката на Кина да не ги презентира пред светот вистинските состојби на почетокот на пандемијата. Нејзините активности на делење маски и заштитна опрема на почетокот на минатата година беа сериозно осуетени од извештаите за слаб квалитет и барања од кинеските власти за јавна благодарност. А доцнењето на испораките на вакцините во земји како Турција и Бразил задаваат нов сериозен удар на амбицијата на Кина да се позиционира како научна и дипломатска велесила.
Патем, двата кинески производители на вакцини се пофалија дека годинава може да произведат две милијарди дози од двете вакцини.
Како и да е, владата на Турција на почетокот вети дека 10 милиони дози од вакцината на Синовак ќе пристигнат во декември, но според Фахретин Коџа, турскиот министер за здравство, стасале само три милиони до претходната седмица, а останатите дури оваа седмица. Коџа не објасни зошто се случува тоа.
Обемни нарачки
Инаку, генерално, Синовак има договор за 50 милиони дози за Турција, 46 милиони дози за Бразил и 7,5 милиони за Хонг Конг, а на Индонезија ќе ѝ испорача и непакувани количества за 40 милиони дози, кои ќе се полнат во шишенца во земјата. Тајланд порача два милиона дози CoronaVac, од кои првите 200.000 ќе ги добие во февруари, а Филипини порача 25 милиони дози, од кои првата пратка исто така ќе стаса следниот месец.
Сепак, по резултатите од испитувањата на вакцината во Бразил, во некои земји се преиспитуваат плановите за набавка. Министерот за здравство на Сингапур рече дека ќе ја испитуваат вакцината пред да почне да се дава. Оваа микро-земја ја нема одобрено вакцината CoronaVac, но има договор за купување. И соседна Малезија вели дека ќе побара дополнителни податоци од Синовак пред да одобри набавка, а во Хонг Конг, висок медицински советник рече дека експертска комисија ќе разгледува давање која било вакцина врз основа на податоците од клиничките испитувања.
Иако Регулаторната здравствена агенција Анвиса предминатата седмица одобри користење на CoronaVac на кинеската компанија Синовак поради итни потреби, сепак појасни дека немала достап до важни податоци за вакцината во третата фаза од проучувањето.
Во Тајланд и во Филипини, иако властите јавно ја поткрепија вакцината на Синовак, некои политичари се скептични во поглед на плановите за имунизацијата. Затоа во Тајланд регулаторите побараа Синовак да даде повеќе информации за клиничките испитувања.
Наспроти податоците од Бразил за само 50,38 отсто ефикасност на вакцината CoronaVac, за волја на вистината, мора да се каже дека оваа земја, како и Турција, се насочени кон кинескиот производ поради тоа што големи количества дози на вакцините западните производители не може да испорачат.