Утрински Весник
Македонија

Од рак на грлото на матката годишно во Македонија заболуваат околу 150 жени

Од рак на грлото на матката годишно во Македонија заболуваат околу 150 жени

По повод одбележувањето на месец јануари како месец посветен на борба против ракот на грлото на матката, Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје во нашата држава на годишно ниво од овој тип рак заболуваат околу 150 жени, или 15 на 100.000 жени.

Според податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, на оваа Клиника во 2019 година се третирани 111 случаи на карцином на грло на матка, додека во 2020 година бројот е зголемен и изнесува вкупно 140 случаи.

Во програмата за рана детекција на малигни заболувања, предвидено е спроведување бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката, со кој во период од три години се опфатени жени на возраст од 24-61 година, односно следните возразни групи: 24-35 години, 36-45 години, и 46-61 година.

Во рамки на организираниот скрининг годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот нa жени кои примиле покана изнесува околу 88,3%. Од нив, околу 60% жени се тестираат со ПАП тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП тестирања, пришто се откриваат брисеви со околу 10% епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви или во просек по 2.400 брисеви годишно се со позитивни наоди.

Во 2020 година, во првите 3 квартали околу 12.000 покани се испратени од страна на гинеколозите кои се вклучени како извршители во Програмата, направени се околу 9.000 ПАП тестови при што откриени се околу 900 брисеви со одредени клеточни абнормалности, што исто така претставува 10% од вкупно цитолошки анализираните брисеви.

„Податоците покажуваат дека се помал е бројот на жени со тешка форма на карцином, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином. Токму тоа е и целта на превентивната програма на Министерството, рано и навремено откривање на ова заболување, што придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување“, велат од Министерството за здравство.

Од аспект на зајакнување на превенцијата од ова заболување, во 2019 година е осовремен Календарот за имунизација со тоа што обезбедна е четиривалентна ХПВ вакцина, со која се замени дотогаш користената двовалентна вакцина. Оваа вакцина штити од 4 опасни типови на хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавци.

„Во 2019 година е зголемен опфатот со вакцинација со оваа вакцина во споредба со претходните години“, велат од Министерството за здравство.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош