Со усвојувањето на Законот за попис и потпишувањето на Указот од страна на Претседателот на државата, создадени се сите нормативни услови за спроведување на оваа важна статистичка операција за развој на земјата, изјави пратеничката и координаторката на Форум на жени на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева.
„ Државниот завод за статистика, институциите, државата, имаат капацитет да спроведат попис според сите прописи на Евростат, по сите меѓународни стандарди. Кончено, по 19 години Северна Македонија ќе спроведе попис со кој ќе се соберат релевантни податоци важни за креирање на идни политики и стратегии за развој на државата. Економски, образовни, здравствени, земјоделски, културни.
Жално е што во ВМРО-ДПМНЕ имаме неодговорни политичари, кои само од блокадите, саботажите и поделбите ја влечат идејата за своето постоење. Недозволиво е постојаното ставање сопки, кочење на процесите, подбуцнување на поделби, националистички конфликти, повици за бојкот и саботажи.
Еднаш засекогаш треба да сфатат во белиот дворец дека сите политички партии треба да се стремат кон подобар заеднички живот, а не да тонат со сеење раздор меѓу народот. Прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и тој нема да отвора веќе затворени прашања, нема да одзема права.
Ние нема да отстапиме пред оние кои во неуспехот на државата, гледаат можност за себе. Заедно со граѓаните ќе работиме за тој да се реализара по меѓународните стандарди, а политиките на блокади, саботажи и сопки на Мицкоски повторно да бидат поразени. За СДСМ интересот на граѓаните и на државата е на прво место“ порача Калеска Ванчева.