Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на земјата ѝ треба нов објект за да обезбеди стабилно домашно производство на вакцини и да произведе сопственa вакцина против Ковид-19, пренесува РТ.
Орбан тврди дека една сериозна земја не може да се потпре на добивање вакцини и други витални медицински материјали само од странство.
Унгарската влада нареди изградба на фабрика за вакцини во Дебрецин, која ќе биде доволно голема што, ако унгарските научници развијат вакцина, ќе можат да ја произведат во големи количества.
Универзитетот во Дебрецин (УД) потпиша договор со главната медицинска агенција на земјата да работи на создавање Национална фабрика за вакцини, која ќе обезбеди стабилно снабдување со вакцини.
Министерот за човечки ресурси, Миклош Каслер, рече дека иницијативата ќе го рестартира производството на вакцини во Унгарија и ќе служи како центар за истражување на вакцините.
Шефицата на Нациоалниот центар за јавно здравје, Сесилија Мулер, објави претходно овој месец дека развиваат вакцина против Ковид-19, чиј механизам е сличен на вакцината против грип.
„Очигледно не можам да го кажам точниот датум однапред, но се надевам дека наскоро ќе можеме да ја произведеме оваа вакцина“, рече таа.
Унгарските власти во повеќе наврати изразија незадоволство од темпото на распределба на вакцината на Фајзер/Бионтек од страна на Брисел, посочувајќи дека стапката на вакцинација во ЕУ е помала во споредба со Велика Британија, САД и Израел.
Будимпешта вчера ги одобри за итна употреба руската вакцина „спутник В“ и вакцината развиена од Оксфорд и АстраЗенека.