Одолговлекување на процесите на енергетска транзиција не е опција за земјава, а изборот на зеленото сценарио и донесување на Програмата за реализација на Стратегијата за енергетика мора да се реализираат што поскоро, апелираат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“. Организацијата веќе подолго време работи на кампања за исфрлање на јагленот како енергенс и воведување на алтернативните извори на енергија, процес што сметаат дека мора да започне веднаш со долгорочен план за праведна транзиција за регионите со јаглен, кои се први на удар, и за кои мора да се озбезбеди енергетска сигурност и економска стабилност.
Особено е важно, посочуваат екологистите, процесот на зголемување на обновливите извори на енергија, особено од сонцето да се поддржи со олеснување и субвенционирање на поставувањето на фотоволтаици за кровни површини на домаќинствата, но и едукација и информирање на граѓаните како да ги искористат овие поволности.
„Многу од граѓаните сè уште не знаат како да ги остварат и веќе достапните шеми, па интензивно информирање преку локалните власти е повеќе од потребно. Сите документи и анализи кои беа изработени како дел од моменталните процеси за донесување политики од секторите клима и енергија јасно укажуваат дека за нас економски најисплатливо на долг рок е зеленото сценарио, во сите други случаи на одолговлекување на енергетската транзиција ние ќе трпиме загуби и штети“, посочува Елена Николовска од „Еко Свест“.
Во текот на минатата година, Владата зацрта високи и амбициозни цели во секторите енергија и клима, но тие тешко ќе се достигнат доколку овие процеси за транзиција на јагленот кон обновливите извори на енергија не се забрзаат. Реалноста е, апелираат екологистите, дека немаме повеќе можности да ги одржуваме термоелектраните на јаглен во земјава, бидејќи резервите на јаглен се исцрпуваат, а проблем се и финансиските средства за одржување на сите вработени во термоелектраните, каде има превработеност. Сепак, тој процес, предупредуваат граѓанските активисти, не смее да се направи врз грбот на жителите на регионите со јаглен, ниту пак да ја засегне нивната егзистенција и економијата во целина.
„Не можеме да дозволиме термоелектраните да продолжат да работат како досега, без потребниот десулфуризатор, бидејќи луѓе умираат од канцерогени заболувања секој ден, особено во Битолскиот регион. За да се спасат Кичевскиот и Битолскиот регион од замирање потребно е веднаш да започне процесот на долгорочно планирање на праведната транзиција- усвојување на план за праведна транзиција на овие региони и во овој процес мора активно да учествуваат работниците, синдикатите, локалното население, малите и традиционални бизниси, граѓанските организации и локалните власти од Кичевскиот и Битолскиот регион“, велат од „Еко Свест“.