Утрински Весник
Свет

Киргистан бара 500.000 дози вакцина против Ковид-19 од Русија

Киргистан бара 500.000 дози вакцина против Ковид-19 од Русија

Киргистан побара од Русија 500.000 дози вакцина против новиот коронавирус, рече киргистанскиот министер за здравство, Алимкадир Бејшеналиев, во интервју за националниот радиодифузер „Биринчи“.

„Раководството на Киргистан испрати писмо до рускиот претседател Владимир Путин. Побаравме 500.000 дози вакцина“, рече Бејшеналиев, додавајќи дека земјата добила согласност од руското Министерство за здравство и дека прашањето ќе се реши во блиска иднина.

Според Бејшеналиев, епидемиолошката состојба во земјата останува тешка и потребно е да се започне со масовна вакцинација за да се врати во нормален живот.

Бејшеналиев вчера рече дека Киргистан нема намера да ја прими пратката со вакцини од „Фајзер“ против Ковид-19 бидејќи во земјата немаат соодветни ладилници за складирање на вакцината. Според министерот, еден фрижидер за одржување на потребната температура чини околу 4.000 американски долари.

„Потребни се уште два милиони долари за чување на вакцината на ‘Фајзер’“, додаде тој.

Од појавата на коронавирусот на почетокот на минатата година, Киргистан потврди 83.430 случаи и 1.392 смртни случаи.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков