ВМРО-ДПМНЕ повторно покажува дека е против државните интереси и се обидува да ги дискредитира институциите и да го наруши угледот на државата и на армијата, реагира СДСМ на обвинувањата на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој побара оставка од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и одговорност од претседателот, Стево Пендаровски, за, како што рече, бламот кој ѝ го приредија на Македонија пред НАТО.
„ВМРО-ДПМНЕ кое правеше се за државата да не стане членка на НАТО, а кога тоа се случи не смогнаа сили ни да честитаат и да се израдуваат на исполнувањето на тридецениската стратешка цел на Република Северна Македонија.Токму, Ковачки е последен кој може да зборува за доверба на НАТО во Република Северна Македонија, како воено лице кое континуирано се обидува да ја наруши таа доверба. Членството во НАТО, како и меѓусебната доверба меѓу нас и НАТО, беа недостижни во времето кога Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ беа на власт“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ велат дека ДПМНЕ ја држеше земјата 11 години во изолација, ги држеше војниците на плата пониска од просечната, во бедни услови.
„Војниците сега од глава до пети се облечени во ново. За три години три пати се зголемени примањата во армијата. Примањата на војниците и подофицерите, заедно со додатокот за станбено обезбедување се зголемени за 50%, а на сите цивилни лица платите им пораснаа за најмалку 26%. Срамно е темата за НАТО да ја злоупотребува поранешен шеф на воено разузнавање за ситни партиски поени. Срамно е да се биде во редовите на Армијата, а да се работи против неа и против својата земја“, пишува СДСМ.