Компанијата „Нестле“ повлекува речиси 350.000 килограми замрзнати сендвичи бидејќи постои можност тие да содржат парчиња стакло и пластика, објави Службата за безбедност на храна на американското Министерство за земјоделство (УСДА).
Замрзнати полнети сендвичи биле доставени до малопродажните места низ САД, но проблемот настанал кога „Нестле“ добил поплаки од четворица клиенти дека во нив е откриен стран материјал, пренесува порталот „Кликс“.
Во една од поплаките до компанијата, исто така, била пријавена мала повреда на усната шуплина поврзана со консумацијата на сендвич, известија од Службата за безбедност на храната на САД.
Повлекувањето се однесува на пакувањата што содржат 12 сендвичи од марката „Хот покетс“ од Нестле.
„Потрошувачите кои го купиле овој производ се повикуваат да не го консумираат. Овој производ треба да се исфрли или да се врати на местото на купување”, предупредија од УСДА.