Во судирите меѓу етничките групи во Западен Дарфур во Судан се убиени 83 лица, објави суданската новинска агенција повикувајќи се на болнички извори.
Борбите во главниот град на државата Ел Генеини започнаа во саботата по кавгата во која еден човек беше прободен до смрт, јави „Би-би-си“. Беше воведен полициски час низ Западен Дарфур, а премиерот Абдалах Хамдок испрати делегација да го испита случајот.
Скоро 100 лица беа повредени во конфликтот кој избувна во близина на бегалски камп. Фаталната расправија меѓу двајцата прерасна во борба меѓу вооружените милиции.
Минатата година беше потпишан мировен договор во кој беа вклучени повеќето, но не сите групи во Дарфур.
Конфликтот во Дарфур започна во 2003 година под претседателство на Омар ал-Башир, кој беше симнат од власт во 2019 година и кој го бара Меѓународниот кривичен суд под обвинение за воени злосторства и геноцид. Милиони луѓе побегнаа, а тензиите остануваат и покрај мировниот процес.
Насилството се случи речиси по три недели откако мировниците од Обединетите нации и Африканската унија ја предадоа безбедноста во рацете на властите во Картум по 13 години.