Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден планира да преземе чекори за поништување на некои од контроверзните одлуки на администрацијата во заминување веднаш штом ќе ја преземе функцијата по инаугурацијата в среда.
Бајден исто така планира да се посвети на борбата против пандемијата на коронавирус, изјави денеска неговиот шеф на кабинетот.
Ова ќе биде само почеток на десетдневната серија претседателски декрети насочени кон промена на курсот на САД по заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа.
Веднаш по инаугурацијата, Бајден ќе ја укине забраната за влез во САД за државјани на некои земји со мнозинство муслимани. Оваа забрана беше изгласана само неколку дена откако Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари 2017 година.
Понатаму, извесно е дека САД ќе се приклучи кон Парискиот договор за климатски промени и ќе пропише задолжително носење заштитни маски.
Ова се само дел од мерките наведени во писмото на идниот шеф на кабинетот.