Утрински Весник
Македонија

Научен собир за учениците со посебни потреби

Научен собир за учениците со посебни потреби

Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје утре со почеток во 12 часот организира онлајн научен собир на тема: Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи.Воведни искажувања ќе имаат: Саша Делиќ од Босна и Херцеговина, Вања Ангелова од Бугарија и Ѕунка Дончева од Северна Македонија.

Со оглед на тоа дека лицата со посебни потреби, а во овој случај – децата со посебни потреби се најчувствителна и најранлива категорија, мошне е битно нивното воспитување и образование и тоа уште од најран период. За таа цел, потребна е и неопходна постојана грижа и едукација за нив, која им ја пружаат воспитно-образовните установи, т.е. детските градинки и училиштата.Со добра и осмислена воспитно-образовна стратегија и програма, децата се учат да читаат и пишуваат, но и се социјализираат и осамостојуваат.

На научниот собир на тема: Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи, најпрвин ќе стане збор како да се остручнат лицата кои што работат со децата со посебни потреби, а тоа се воспитувачите и наставниците. Потоа, ќе се разговара и за самата прилагодена програма за воспитување и образование на децата со посебни потреби, која е полесна, поедноставна, поразбирлива, покомпаративна и поилустративна.На крајот од собирот, ќе бидат сумирани сите искажувања во вид на заклучоци, кои ќе најдат теоретска, но и практична примена.

Овој научен собир не само што е специфичен според својата тема и цел, туку одамна недостасува во нашава средина една ваква стручна и научна трибина и дебата.На научниот собир ќе бидат презентирани искуствата и практиките од странство, но и согледувањата и размислувањата од страна на домашните воспитувачи, наставници и теоретичари. Педагози, социолози, па и филозофи, ќе ги елаборираат своите видувања за воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби, со акцент на можностите, програмите и перспективите на тој план. По завршувањето на научниот собир, научните соопштенија (рефератите) ќе бидат публикувани во посебен тематски зборник, а на самиот научен собир се очекува да се развие богата, разновидна, повеќеслојна, компетентна и содржајна дискусија. Бенефитот од овој научен собир е и за теоретичарите и за практичарите и резултатите ќе се очекуваат во континуитет во еден подолг период.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово