Во споредба со лани, годинава е зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа” (67,3 отсто) и „корисна работа” (70 отсто), покажуваат податоците од анкетното истражување Еврометар на Евротинк – Центар за европски стратегии, кое е поврзано со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции.
„Дополнително се зголемени и очекувањата за брз влез во ЕУ, а две третини (65,9 проценти) од граѓаните би гласале позитивно на референдум за влез во ЕУ. Главните причини за поддршката за влез во ЕУ се економски, односно подобар животен стандард и намалување на невработеноста. Како дел од главните причини за одбивање на влез во ЕУ, граѓаните ги наведуваат стравот од губење на националниот идентитет и скептичноста дека нешто ќе се подобри“ велат од Евротинк.
Истражувањето покажува дека дури 59,2 отсто од граѓаните, за разлика од ланските 30,3 отсто, сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки. Преполовен е и процентот на граѓани кои мислат дека односот на ЕУ кон Македонија е фер, пријателски и коректен (21,2 проценти во 2020 наспроти 42,9 отсто во 2019).
Освен ова, една третина од граѓаните смета дека Македонија се соочува со закани од некоја држава. Според овогодинешните резултати, најголем дел од нив сметаат дека тоа е Бугарија (77,88 отсто), дури трипати повеќе од лани.
„Секој петти граѓанин смета дека Македонија нема пријатели, додека најголеми сојузници на земјата препознаваат во Србија, Германија, САД и Турција“ додаваат од Евротинк.
Во однос на перцепцијата кон институциите, продолжува трендот на највисока доверба во армијата (63 проценти), веднаш зад неа се полицијата (43 проценти) и религиозните заедници (43 проценти). Најниска доверба граѓаните имаат во судството (14 отсто), обвинителството (14 отсто) и Државната комисија за спречување на корупцијата (16 отсто).
Во врска со безбедноста пак, граѓаните на Северна Македонија се чувствуваат безбедно, пред сѐ во својата населба (82 отсто), град/село (76 отсто) и во државата (60 отсто). Главните безбедносни грижи се поврзани со криминал, здравство/Ковид-19, како и заради економски причини. Иако генерално веруваат дека полицијата ќе ги заштити доколку имаат потреба, граѓаните се скептични дека оваа институција е независна од политичките, владините и бизнис интересите.
Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Индаго на репрезентативен промерок од 1.003 испитаници на национално ниво во периодот 10 – 21 декември 2020 година.