Утрински Весник
Македонија

Порталб анализа: Економски настани во 2020 – збогум за економски најтешката година!

Компаниите доставиле 136 барања до Развојна банка за бескаматни кредити

Рецесија – како последица на економската криза. Вртоглав пад на извозот, увозот, индустриското производство. Буџетските приходи се стопија, расходите се зголемија, се бараат пари дома и во странство за покривање на трошоците што ги предизвика ковид-19. Јавниот долг достигна историски највисока стапка, над 50 отсто од БДП. Во 2020, по 13 години без банкроти, се стави клуч на врата на една банка. „Порталб.мк“ ги селектира економските настани и параметри што ја одбележуваат една од најтешките економски години.

Во годината што измина, пандемијата на тест ја стави хуманоста, но и алчноста. Скандалот со злоупотреба на државната помош за плати ја револтираше јавнoста – парите наместо за работниците завршиле во џеб на газдите. Овој скандал најпрво се обелодени во јули, повеќе од 700 фирми кои земале помош во април и во мај не ја намениле за вработените. Ова се случи и во декември, кога УЈП обелодени дека 179 фирми земале државни субвенции, но вработените останале со празни сметки. Владините институции постапуваат за да се вратат парите, но останува отворено прашањето како дел од фирмите кои веќе еднаш направија злоупотреба, успеале повторно да добијат помош, и повторно да ја злоупотребат.

Изминатата година се „тресеше“ буџетската каса. Во мај 2020, Ребаланс на Буџетот, со потпис на тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска. Ова прекројување требаше да биде прв катализитор за владините мерки за поддршка на граѓаните и на фирмите во време на економска криза. Октомври 2020 година, нов Ребаланс на буџетот за спас од кризата. Овој пат со потпис на новиот министер за финансии, Фатмир Бесими. И по двете прекројувања во интерес на имплементација на мерките за помош, власта и опозицијата останаа со различен став – колку пари беа планирани, а колку реално се потрошија за поддршка на приватниот сектор.

Економската криза, која го притисна Буџетот да даде повеќе пари за ублажување на последиците, го „набилда“ јавниот долг. Внатрешната и надворешната задолженост достигна 5,6 милијарди евра или 51,5 отсто од БПД. Државата кон надвор должи 3,5 милијарди евра, а на внатрешните кредитори 2,1 милијарди евра.

Забавена економска активност, воздржани инвеститори, значаен пад и кај извозот и кај увозот. Сите овие економски трендови ја втурнаа економијата во рецесија – со најнови прогнози на НБРМ дека падот на БДП ќе биде 4,9 отсто. Вртоглав пад особено се регистрира кај бруто – инвестициите, со проекција дека до крајот на 2020 ќе изнесува 13 проценти.

Предвремени парламентарни избори во јули, спроведени дури шест месеци по формирање на техничка Влада која требаше да биде вовед за изборите во април. Пандемијата го одложи изборниот процес кој неминовно мораше да се случи. Заев се врати во премиерскиот кабинет, но дел од дотогашните економски министри ги напуштија функциите. Од Министерството за финансии замина Нина Ангеловска. Овој ресор со новата коалициска поделба припадна на ДУИ, со што „чувар“ на јавните пари стана Фатмир Бесими. ДУИ го задржа и Министерството за економија на чие чело остана Крешник Бектеши. Министерството за транспорт го напушти Горан Суграевски, а на негово место дојде Благој Бочварски. Вицепремерот Кочо Анѓушев ја напушти Владата пред изборите, а по нив вицепремиерското место за економски прашања му припадна на Фатмир Битиќи. Новиот коалициски партнер БЕСА го презеде Министерството за земјоделство, каде како министер беше назначен Аријанит Хоџа.

Еден од настаните по кои ќе се запамети економската 2020 е пропаѓањето на Еуростандард банка, особено ако се знае дека овој банкрот се случува дури 13 години по последниот ваков случај, пропаста на Македонска Банка. Десетици милиони евра останаа „заглавени“ како пари на фирми и граѓани кои треба да се враќаат преку стечајна постапка, но дали парите ги има? Која е вистинската причина за пропаста на банката, дали имало злоупотреба, незаконско постапување кое на крајот го плаќаат клиентите, на дел од овие прашања ќе треба да одговори истрагата. НБРСМ поднесе кривични пријави, сопствениците на банката пак, обвинија дека Народната банка неосновано посегнала по крајната одлука, клуч на врата на Еуростандард.

Економската криза ќе се прелее и во новата 2021 година. Оптимистичкото сценарио предвидува „одлепување“ од дното и рестартирање на економијата. Власта најавува новите мерки за поддршка и следната година, економистите веќе предупредија на внимателно менаџирање со јавните финансии со оглед на тоа што последиците од ковид-19 кризата ќе се „лечат“ подолго време.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева

Македонија е избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) (2025–2027)

СДСМ: Скопје и Аеродром со ВМРО-ДПМНЕ го живеат најголемиот ужас од своето постоење