Околу три четвртини (74%) од испитаниците кои одговорија на прашањата на онлајн анкетата за млади велат дека знаат да препознаат лажни вести. Дваесет и еден процент (21%) не размислувале дали одредена вест е лажна, додека пак останатите 5 отсто одговориле дека не можат да препознаат лажна вест.
Онлајн анкетата за млади беше спроведена преку инстаграм профилите на „Мета.мк“ и „Студентарија“ во периодот од 15 до 21 декември, а на која одговорија 605 испитаници на возраст од 15 до 30 години. Притоа, напоменуваме дека не станува збор за анкета на репрезентативен примерок од младите во државата.
Податоците покажуваат дека дури 50 проценти од испитаниците одговориле дека не отвораат извори на информации во текот на денот, туку доколку случајно наидат на некоја вест, во тој случај ја читаат или слушаат.
Следствено на тоа, 32 отсто од анкетираните одговориле дека неколку пати им се случило да поверуваат во вест за која подоцна се воспоставило дека е лажна. Скоро половина, односно 47 отсто не се сеќаваат на такво нешто, а 12 отсто одговориле негативно. На мал процент млади им се случило еднаш да прочитаат вест која потоа била демантирана.
Испитаниците најчесто верувале во лажните вести за корона вирусот, смрт или развод на позната личност, веста за Албанец премиер, како и за лажно пренесување на некој настан со цел поделба на населението на етничка припадност. Но освен ова, тие поверувале дека Путин се пензионира, дека вегетаријанците се имуни на ковид-19, веста за појавувањето на лебедите во Венеција, информации за вселенски откритија, дека Хитлер е жив, итн.
Анкетираните сметаат дека лажните вести најмногу се споделуваат за да привлечат внимание и повеќе кликови, читаност или гледаност, да внесат раздор и поделби во општеството, како и за да протуркаат нечива агенда. Но за да проверат дали одредена вест е точна, испитаниците најчесто го проверуваат името на изворот (медиумот) за да видат дали изворот е веродостоен, проверуваат дали е споделено на повеќе медиумски портали, како и проверуваат дали во веста е наведено името на авторот кој ја напишал. Дел од нив, се консултираат со некој на кого му веруваат дали тој/таа мисли дека веста е вистинита или лажна.
Сепак, голем дел од испитаниците, 93 отсто не познаваат проверувачи на факти во нашата држава што потврдуваат дека одредена вест е лажна. Исто така, висок процент, 85 отсто не слушнале за Вистиномер. Единаесет отсто (11%) пак, слушнал/а, но не ги читаат објавите на Вистиномер.
На прашањето дали тие сметаат дека луѓето им веруваат на проверувачите на факти, 40 отсто одговориле дека не знаат, додека пак 39 отсто дека не размислувале за тоа. Само 12 отсто одговориле потврдно, односно сметаат дека луѓето им веруваат на проверувачите на факти.
Дури 95 отсто не познаваат проверувачки на факти во други држави во Европа и светот што се занимаваат со раскринкување на лажни вести, односно потврдуваат дека одредена вест е лажна.
Сепак блиску се процентите на испитаниците што сметаат дека технологијата и социјалните мрежи им помагаат да бидат поинформирани. 44 отсто се изјасниле дека се чувствуваат поинформиран/а, но некогаш не можат да препознаат дали читаат вистинита или лажна вест, а 37 отсто се чувствуваат информирани затоа што постојано читаат вести и информации.
Над половината од анкетираните, односно 55 отсто ги користат социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм како примарен извор за информирање. 33 отсто се информираат преку дигиталните медиуми кои се присутни исклучиво на интернет, додека пак само 6 проценти ги користат традиционалните медиуми (ТВ, радио, весник) како средство за информирање. Останатите 5 отсто, информации дознаваат преку луѓето околу нив (семејство, пријатели, колеги).
Иако мал процент се информираат преку традиционалните медиуми, сепак на нив најмногу им веруваат, а телевизијата ја сметаат за најрелевантен извор на информации.
„МТВ (најконкретни информации) и одредени странски медиуми, иако не верувам на ниту едни од нив, само општи информации што се случува битно во државата следам, по ковид пандемијата сфатив дека лажните вести царуваат со нас, се трудам да слушам експерти од сите области, верувам на факти и научни сознанија кои ги разгледувам со помош на логика“ се вели во еден од одговорите.
Друг вели: „Никогаш конкретно не верувам на еден извор, доколку ме интересира да дознаам повеќе истражувам по различни извори“
„Неутрални медиуми во нашава земја нема од политички аспект.. Е сега ако конкретно барате најблиску до неутрален медиум е телевизија 24 ама не се и тие идеални. Ако видите иста вест на повеќето различни медиуми, тогаш секако е вистинита. Средна линија“ смета испитаник.
Некој од испитаниците одговорил: „Најчесто се информирам од вести бидејќи не може и не смеат да шират лажни информации бидејќи ги следи голем аудиториум, а воедно се подложни и на закони, истото важи и за печатот. Вообичаено читам и странски медиуми во врска за нешто што ме интересира“.
Во дел од одговорите се вели дека испитаниот не верува потполно на ниту еден медиум, а секоја информација ја зема со резерва. Друг пак, изјавил дека се информира од вести на ТВ и интервјуа во одредени информативни емисии.
„Не верувам на никого. Телевизиите и радијата ги плаќаат да зборуваат тоа што и одговара на власта, а и социјалните мрежи исто. Со луѓето пак низ разговорите најчесто е „расипан телефон“ одговорил испитаник.
Од телевизиите најчесто споменувани во одговорите се ТВ Сител, Канал 5 и МРТ, а освен нив се споменуваат Телма, ТВ24, Алфа, ТВ21 и АлсатМ. Исто така, младите го користат и агрегаторот Тајм.мк од каде се информираат, а од порталите најчесто ги читаат оние на: Радио МОФ, Факултети.мк, Слободен печат, Фокус, МИА, Макфакс, Мета.мк, Радио Слободна Европа, СакамДаКажам, ДВ на македонски, Фемина, kajgana.com, tocka.com.mk, skysports.com.com, daily.mk и А1он. Од странските пак, BBC, CNN, Russia today, Daily mail, New York times, Yahoo finance. Освен овие, споменати се и: Discovery, History, National Geographic и AlJazeera balkans.