Утрински Весник
Економија

Ристески: Откупот е во хаос, тутунарите се принудени да го даваат својот тутун по најниска цена

Ристески: Откупот е во хаос, тутунарите се принудени да го даваат својот тутун по најниска цена

Тутунарите се принудени да го даваат својот тутун по најниска откупна цена во последните 15 години, изјави Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој кажа дека поради тоталната негрижа и неспособност на Владата предводена од СДСМ и катастрофалната состојба со откупот на тутунот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднела Информација до Собранието на со цел подетално запознавање на јавноста и решавање на овој проблем со кои се соочуваат тутунарите.

„Состојбата со откупот на тутунот во моментов е крајно драматична и срамна. Откупот е во хаос, а тутунарите се принудени да го даваат својот тутун за рекордно најниската откупна цена по 2005 година. Повторувам, откупната цена во моментов буквално е најниската цена за откуп на тутун во последните 15 години. Срамно, жално и безобразно. Исто така, наместо навремен и регулиран пазар, постои безредие, наместо добар почеток на предоткупот се соочуваме со слаба динамика во превземањето на производството, наместо исполнување на ветувањата дадени лично од Зоран Заев, повторно лаги и непочитување на договореното на одржаните состаноци. Наместо достоинствена откупна цена сеуште имаме неприфатливо ниска просечна откупна цена со што и понатаму се потценува трудот на тутунарите и се гази врз нивното достоинство“, рече Ристески.

Тој обвини дека тутунарите се соочуваат со егзистенционален проблем, а власта мува не ја лази и не нуди никакви конкретни решенија.

ВМРО-ДПМНЕ бара итна владина седница на која што ќе бидат усвоени следните мерки: зголемување на субвенцијата за тутун за 100%, државата да интервенира со обезбедување на дополнителни финансиски средства потребни за откуп на произведената количина тутун, останат без договори, да ги насочи кон Тутунскиот Комбинат-Прилеп, кој ќе биде задолжен да го реализира откупот на недоговореното производство на ориентален тутун, до последен лист, потоа во итна постапка да се изврши измена на Законот за тутун и тутунски производи, со која ќе се врати старото законско решение, односно ќе се забрани увоз на тутун за домашните преработувачки капацитети, со единствена цел да се преработува ориентален тутун од домашно производство.

ВМРО-ДПМНЕ бара и ревидирање на мострите на ориентален тутун и инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат секојдневно да бидат распоредени на откупните места за да го контролираат процесот и текот на откупот, заедно со поверенициѕе кои се поставени во заштита на интересите на тутунопроизводителите.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Директорката на УЈП Елена Петрова на работна средба со шефот на мисијата на ММФ од Вашингтон Анет Кјобе

Заклучоци од меѓународната конференција на Народната банка: Инфлациската криза е успешно надмината

Мицкоски: Постигнавме договор со германски туроператор за носење на 35.000 туристи од Европа годишно