Промена на членот 102 од Законот за АВМУ, со што ќе се тргне забраната за рекламирање на Владата и нејзините институции, општините и јавните претпријатија, како и создавање на фонд за проекти од јавен интерес, е најавата што дојде директно од премиерот Зоран Заев. Тој најави дијалог за најавените измени со засегнатите страни, вклучувајќи ги и новинарските здруженија, кои јавно се спротиставија на најавената измена на законот, за која сметаат дека ќе внесе партиско влијание врз медиумите.
Заев прашан од новинарите при денешниот престој на Пониква, за идната недела ги најави состаноците со новинарските здруженија и некои други засегнати страни, со кои веќе имал телефонски разговори. Во овие разговори, рече тој, зборувал за потребата, особено на општините, за поголема транспарентност пред граѓаните, преку пренос на седниците на општинските Совети и дополнително информирање на граѓаните.
-Ќе ги искористиме празниците да разговараме со сите. Државата нема немера да воведува никакво влијание во уредувачката политика. Целосно сме подготвени да прифатиме надзорен одбор од медиумите, од сите. Да нема никаква политичка одлука во распределба на средствата. Целосно сме подготвени да ги дефинираат критериумите на тие кампањи од јавен интерес. Апсолутно прифаќаме одговорност да нема никакво политикантство или било какво наметнување политики од кој било карактер, коишто би биле партиско – политички, владино – политички, локално – политички. Се работи за нешто што целиот свет и Европа го прави. Дискусијата е пред нас – одговори Заев.
Тој најави дека веќе утре министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири ќе има состанок со претставниците на локалните и регионалните медиуми. Нивното здружението „Медиум Објектив“ со седиште во Струмица, се обрати со писмо до Владата и институциите со кое најави штрајк. Во писмото бара неповратна помош – фонд за олеснување на работењето или друга помош за нивната јавна дејност. Потоа, интервенција во Законот за АВМУ на членот 102, како што стои за „поголема информираност на населението“, како и ослободување од плаќањето за 2021 година за дозволи од АВМУ, надоместокот за пренос, како и за операторот за пренос на мултиплекс сигналот. Даваат рок до 30 декември, по што стапуваат во штрајк.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.