Утрински Весник
Свет

Русите ја вратија во БиХ иконата што им ја подари Додик

Русите ја вратија во БиХ иконата што им ја подари Додик

Руските власти и ja предадоа на Амбасадата на Босна и Херцеговина во Москва иконата што претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, му ја подари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по што се отворија низа прашања за нејзиното потекло, објавија медиумите во БиХ.

Амбасадорот на БиХ во Русија, Жељко Самарџија рече дека во наредните денови ќе биде организирано префрлувањето на иконата во БиХ преку дипломатски канали.

Иконата со ликот на свети Никола, наводно позлатена и стара 300 години, Додик му ја подари на Лавров за време на неговата официјална посета на БиХ на 14 декември. Медиумите блиски до Додик обрнаа големо внимание на овој чин објавувајќи фотографија од задниот дел на иконата со восочен печат, докажувајќи дека таа е регистрирана во Украина како уметничко дело. Круговите на Додик ширеа информации дека иконата е пронајдена во Луганск во делот на Украина кој е под контрола на проруските сепаратисти.

Откако избувна скандалот, бидејќи никој не понуди објаснување од каде потекнува иконата на Додик, Украина испрати дипломатска нота до БиХ во која бара дополнителни информации. Самиот Додик не коментираше за скандалот седум дена, по што неговата канцеларија им понуди на медиумите тврдење дека таа не е украдена, туку станува збор за семејна сопственост. Тие не кажаа ништо за тоа како иконата всушност пристигнала во БиХ.

Ова појаснување само поттикна дополнителни прашања кои повторно останаа неодговорени, но затоа канцеларијата на Додик денеска испрати дипломатска нота до украинската амбасада, барајќи од земјата да докаже дека иконата е нејзин имот или културно богатство.

„Доколку Украина има докази дека станува збор за икона што е дел од украинското културно, религиозно и историско наследство, ве молиме информирајте ја амбасадата на кого и во кое време припаѓала иконата, дали е отуѓена, од кого, кога и каде и дали се наоѓа на која било листа на отуѓени предмети што ги бара Украина “, стои во белешката на Додик.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница