Утрински Весник
Свет

2020 најсмртоносна година во историјата на САД

2020 најсмртоносна година во историјата на САД

2020 е најсмртоносна година во досегашната историјата на САД, каде што по прв пат има повеќе од три милиони смртни случаи, за што значително придонесе и пандемијата на коронавирус.

Конечните податоци за смртноста за оваа година нема да бидат достапни уште неколку месеци, но прелиминарните статистики покажуваат дека САД се на пат да забележат повеќе од 3,2 милиони смртни случаи годинавa, односно минимум 400.000 повеќе отколку во 2019 година.

Бројот на смртни случаи во Америка се зголемува скоро секоја година, но во 2020, бројките се зголемија за околу 15 проценти, а тој раст може да биде поголем откако ќе бидат обработени податоците од декември.

Ова може да биде најголем процентен скок на бројот на смртни случаи од 1918 година, кога десетици илјади американски војници загинаа во Првата светска војна, а стотици илјади Американци починаа од пандемијата на грип. Тогаш, смртните сличаи се зголемиле за 46 проценти во споредба со 1917 година, пренесува АП.

Повеќе од 320.000 Американци починале досега од Ковид-19. Пред пандемијата, постоеше причина за надеж во поголед на трендовите со стапката на смртност во САД. Вкупната стапка на смртност малку се намали во 2019 година, како резултат на намалувањето на срцевите заболувања и смртните случаи од рак. Очекуваниот животен век се зголеми малку, за неколку недели, втора година по ред, според податоците објавени од Центрите за контрола и превенција на болести.

Сепак, очекуваниот животен век во 2020 би можел да падне за дури три години, велат експерти од областа на здравствената заштита.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk