Утрински Весник
Свет

Германија е против воведување ембарго за оружје на Турција

Германија е против воведување ембарго за оружје на Турција

Германија се спротивставува на барањето поднесено од Грција за воведување ембарго за оружје на Турција во врска со тензиите меѓу двете земји во регионот на источен Медитеран, изјави вчера германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

Во изјавата за германската новинска агенција ДПА, Мас рече дека барањето на Грција до Европската Унија да воведе ембарго за оружје на Турција е стратешки неправилно.

„Турција, која е членка на НАТО, лесно може да купува ракети од Русија кога не е во можност да ги набави од САД“, додаде тој.

Пред неколку дена Грција соопшти дека неколкупати побарала да се вклучи прашањето за воведување ембарго за оружје за Турција во агендата на ЕУ поради поморските активности на Анкара во регионот на источен Медитеран.

На 12 октомври Турција испрати брод во потрага по природни ресурси во областа помеѓу островите Кастелоризо и Родос тврдејќи дека областа е вклучена во нејзините поморски граници, тврдења што Грција ги отфрла.

Меѓународниот закон предвидува дека спорната ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) за острови меѓу земјите треба да се решава преку билатерални разговори, кои Грција и нејзините сојузници ги одбиваат и оставаат брегови кон Турција што може да се користат само за пливање. Бродот подоцна беше повлечен.

Во август Турција продолжи со енергетското истражување во источен Медитеран откога Грција и Египет потпишаа спорен договор за разграничување на морето отфрлајќи го гестот на добра волја на Турција со запирање на истражувањата. Прогласувајќи го грчко-египетскиот договор за ништовен, Турција го овласти „Оруч Реис“ да продолжи со активностите во област во рамките на турскиот континентален гребен.

Турција постојано се спротивставува на напорите на Грција да прогласи ексклузивна економска зона заснована на мали островчиња во близина на бреговите на Турција кршејќи ги интересите на Турција, земјата со најдолго крајбрежје на Медитеранот.

Анкара исто така рече дека енергетските ресурси во близина на островот Кипар мора да бидат поделени праведно помеѓу Турската Република Северен Кипар (ТРСК) и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk