Утрински Весник
Свет

Правда по 28 години: Викар и калуѓерка виновни за убиство во Индија

Правда по 28 години: Викар и калуѓерка виновни за убиство во Индија

Во едно од најдолгите судења за убиства, 28 години откако нејзиното тело беше пронајдено фрлено во бунар, Специјалниот суд на Индиската истражна агенција, Централното биро за истраги (ЦБИ) ги прогласи еден викар и една калуѓерка за виновни за убиството на 19-годишната сестра Абхаја во индиската држава Керала, пренесува „Хиндустан тајмс“.

Првично, случајот беше отфрлен од локалната државна полиција на Керала како самоубиство, но вревата околу ова прашање ја принуди полицијата да ја испита работата потемелно. Според упатствата на судот, случајот бил пренесен во највисоката истражна агенција во земјата, Централното биро за истраги (ЦБИ).

Грозоморниот случај е преполн со елементи на мистерија и убиство и ја шокираше нацијата во 1992 година. Само неколку дена пред Божиќ, викарот отец Томас Котур и монахињата сестра Сефи беа прогласени за виновни за убиство и за прикривање докази.

ЦБИ го информираше Специјалниот суд дека сестра Абхаја била сведок на интимни односи меѓу Котур и Сефи на 27 март 1992 година кога одела од нејзината хостелска соба во кујната рано наутро во 4.15 часот.

Според ЦБИ, Сефи – плашејќи се дека сестра Абхаја може да им каже на другите и дека таа и Котур ќе бидат протерани од црквата – во лутина ја удрила сестра Абхаја со секира, а потоа Котур ѝ помогнал да ја фрлат во бунарот додека се уште била жива.

На судот му беше кажано дека двајцата ги уништиле доказите и ја довеле во заблуда црквата за да ги сокријат своите сексуални односи.

Казната за сторителите ќе биде изречена во среда, 23 декември.

 



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Орбан: Зеленски да обезбеди никој да не загине при присилна регрутација

Колумбиските власти уапсија еден од шефовите на италијанската мафија „Ндрангета“ во Латинска Америка

Исклучена струјата и водата во регионот Запорожје кој е окупиран од Русија