Лионел Меси го доби својот рекорден седми „Пичичи“ трофеј како најдобар стрелец во шпанската Ла лига, поминувајќи го рекордот на легендата на Атлетик Билбао, Телмо Зара од 1940-тите и 1950-тите години.
„Пичичи“ трофејот го доделува шпанскиот спортски весник „Марка“ и е именуван во честа на поранешниот напаѓач на Билбао, Рафаел Пичичи Морено. Иако сезоната 2019/20 беше разочарувачка за Барселона, Меси постигна 25 гола за да го освои трофејот.
„Сакам да се заблагодарам на ‘Марка’ за наградата и навистина е голема работа да се стигне Зара“, изјави Меси откако го доби трофејот од директорот на „Марка“, Хуан Игнасио Галјардо.
Меси првпат беше најдобар стрелец во Шпанија во 2009/10, а ја освои и наградата во 2011/12, 2012/13, 2016/17, 2017/18 и 2018/19.
Сепак, наградата за најдобар играч во 2019/20, трофејот „Алфредо ди Стефано“, не отиде кај Меси, туку кај напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, кој постигна 21 гол минатата сезона и ги предводеше „кралевите“ до титулата во Ла лига. Тој е првиот фудбалер покрај Лионел Меси и Кристијано Роналдо со трофејот по Раул во 2007/08.
„Навистина значи многу да се победат Меси и Роналдо, двајца фудбалери кои имаат толку многу индивидуални награди. Чест е да се биде меѓу нив“, изјави Бензема.
Неговиот тренер, Зинедин Зидан ја подели наградата „Мигуел Муњоз“, која се доделува на најдобриот тренер во лигата, заедно со Хулен Лопетеги, тренерот на Севилја.
> Меси прибра уште еден „Пичичи“ трофеј, Бензема со наградата „Алфредо ди Стефано“ <