Утрински Весник
Македонија

По скратена постапка, во Собрание помина законот за намалени давачки за регистрација на странски возила

Уриваме рекорди – лани сме увезле 41.479 половни возила (инфографик)

Собранието на РСМ вчеравечер по скратена постапка го усвои Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички. Со овој закон, сите возила кои влегле во земјава до 1 октомври 2020 година со странски регистарски таблички, ќе може во рок од една година да се регистрираат со намалени давачки од 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се плаќаат при увоз на возилото од страна на надлежните државни власти.

Од владата веќе информираа дека постојат и други услови за да се регистрираат возилата, па така останува да важи критериумот за увоз во земјава на стари возила со стандард најмалку ЕУРО 4. Воедно, лицата кои ќе сакаат да ги регистрираат возилата со македонски таблички ќе мора да ги имаат регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето на законот на сила и да поседуваат важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон.

Инаку, од владата сметаат дека со усвојувањето на овој закон ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на возилата со странски регистарски таблички во сообраќајот и приход на средства во буџетот и домашната економија од 25 милиони евра. Законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија N), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О).

Еколозите и граѓанските активисти негативно реагираа на предложениот закон за поевтина регистрација на странските возила. Од граѓанската „02 Иницијатива“ сметаат дека ваквиот потег на владата е еден чекор напред, три чекори назад, оквалификувајќи го чекорот како мерка за стимулирање на носење секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили.

„До кога со вакви политики на аминување на возила кои надвор во ЕУ никој не ги сака“, прашуваат од „О2 Иницијатива“.

Тие велат дека на плацевите во земјава главно се продаваат возила од повисока класа, кои за ЕУ се неприфатливи во однос на загадувањето, а кај нас се статусен симбол што не е важно дали загадува.

„Важно буџетот да се полни, секогаш парите се најприоритетни, додека последиците од загадувањето кое го дозволуваме и финансиите за негово санирање се многукратно поголеми“, велат од „О2 Иницијатива“.

Инаку, од оваа граѓанска иницијатива пред неколку дена објавија дека додека ЕУ во оваа декада ги забранува дизел возилата, потрошувачката на дизел горивото кај нас е тројно зголемена во периодот од 2006 до 2019 година. Наспроти 213.559 тони дизел колку што биле потрошени во 2006 година, Македонија лани потрошила дури 642.742 тони дизел гориво. 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот