Утрински Весник
Македонија

Заев во Прилеп: Градежната офанзива не запира

Заев во Прилеп: Градежната офанзива не запира

Премиерот Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски присуствуваше на одбележувањето на пуштање во употреба на главната сообраќајна артерија во Прилеп, булеварот „Гоце Делчев“, која е реконструирана во најмодерна градска сообраќајница и покрај здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.

„Прилеп треба да се гордее со овој булевар, современ булевар со пешачки и велосипедски патеки кој граѓаните го очекуваа долги години. Булеварот е со две коловозни ленти во едниот правец и две во другиот правец, меѓусебно одделени со зелен појас, во кој е поставено осветлувањето. Должината на реконструираниот булевар изнесува 560 метри и со комплетната реконструкција на улицата „Прилепски бранители“ со три коловозни ленти, Прилеп добива модерна сообраќајна инфраструктура“, подвлече Заев, изразувајќи задоволство што градежната офанзива во Прилеп не запре и покрај пандемијата од коронавирусот.

Заев ја искористи приликата и на прилепчани им го честиташе празникот „Свети Никола“, патронот-заштитник на градот Прилеп, посакувајќи им здравје и успеси на сите граѓани на општината.

„Знам дека заради пандемијата од Ковид-19 и во име на почитување на мерките за заштита од вирусот, годинешното прославување и одбележување на големиот празник „Свети Никола“ е поразлично во однос на претходните години и ќе изостане традиционалниот светиниколски ручек во центарот на Прилеп. Но, бидете уверени дека оваа отстапка од традицијата, оваа година е ваш голем придонес за здравјето на прилепчани и за спречување на дополнителното ширење на вирусот“, рече претседателот на Владата, посакувајќи им здравје на граѓаните.

Тој подвлече дека и покрај нетрадиционалното чествување на празникот, граѓаните можат да бидат горди, поради работните успеси кои не запреа и за време на корона-кризата и кои се во интерес и обезбедуваат услови за подобар живот на сите.

„И во оваа прилика, како и на секој јавен настап повторувам: Вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките. Убеден сум дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање“, порача премиерот нагласувајќи дека Владата останува посветена на унапредување на работата на локалната самоуправа, во инвестирање во проекти од инфраструктурата во општините низ целата држава.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ како со булдожер ги сруши меѓународните позиции на државата

Мицкоски до опозицијата: Луѓето кои распродадоа од знаме до име, немаат кредибилитет да судат

По 14 години работа се гаси „Ал Џезира Балканс“ – регионалната редакција заминува во историјата