Пандемијата со ковид-19 ги ограничи физичките групирања, а со тоа и несомнено влијаеше врз функционирањето на многу институции, вклучувајќи ги и уметничките. Театрите во државава беа затворени уште во март, со што целосно се стопираше нивната работа. За ова говорат и податоците од Државниот завод за статистика, кои и меѓудругото го опфаќаат периодот кога се појави ширењето на корона вирусот. Па така, статистиката укажува дека во периодот 2019/2020 година, вкупниот број на прикажани претстави во професионалните театри е намален за 40,6 отсто, а исто така за 39,4 отсто е намален и бројот на посетителите, во однос на периодот 2018/2019 година.
Просечниот број на посетителите на една претстава изнесува 221.
Освен ова, за 40,3 проценти е намален и бројот на прикажаните претстави во професионалните театри за деца и млади, како и бројот на посетители кој е намален за 36,7 отсто. Исто така, за 85,1 процент намален е бројот на прикажаните претстави во аматерските театри, со што бројот на посетители паднал за 86,5 проценти.
Владата соопшти дека во четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, по 6.000 денари на сметка ќе добијат и уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
Во септември, Владата донесе одлука кината, театрите и другите установи каде што се одржуваат културни манифестации повторно да се отворат, а за нив да важат протоколите за организација на настани. Според препораките, настаните на отворено се организираат со 50 проценти од капацитетот на местото каде што се одржуваат и ограничен број до максимум 1.000 посетители. Додека пак, настаните на затворено се реализираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители.
„Мета.мк“ претходно информираше за капацитетите на салите во македонските театри односно за бројот посетители, кој варира во зависност од салата. Исто така пишувавме и за театрите кои додека го чекаа зеленото светло за отворање, размислуваа за претстави на отворено. Театар Комедија во август започна токму со вакви проби.
Во меѓувреме, разговаравме и со дел од културните работници во врска со последиците од пандемијата, со какви предизвици се соочија и како ја гледаат иднината на театарот. Она што е заедничко за нив е што сите го делат поривот за создавање без оглед на условите. За пандемијата се согласни дека е можност за трансформација и промена, но не и изговор за пауза во процесот на творење.