Со еротски танц под црвено светло, пет сексуални работнички вечерва од излози над влезот на Универзална сала во Скопје го одбележаа 17 декември, Меѓународниот ден против насилство врз сексуалните работници, кој изминативе 13 години се одбележуваше со „Марш на црвени чадори“.
И покрај пандемијата и студот, платото пред Унивeрзална се наполни со публика која гласно реагираше на движењата на девојките во излозите. Меѓу насобраните имаше и такви кои на колена застануваа пред девојките, им испраќаа бакнежи, го имитираа нивниот танц од платото и правеа селфиња.
„Танцот во излози или „Скопје ред лајт дистрикт“ се одржува вторпат, првиот беше во 2017 година. Се враќаме по три години во пооригинално светло. Ова е уметнички перформанс кој има за цел да го отслика шармот и духот на улицата на црвените фенери во Амсtердам. Со овој уметнички перформанс, се бориме да покажеме дека и сексуалната работа е работа, сексуалните рабoтници се работници и треба да бидат прифатени како такви“, вели Борче Манев–Божинов од „Стар стар“.
Изминативе две години инсистирале, но не успеале да најдат соодветен простор за одржување на перформансот за кој вели дека е идеално кога е во пешачка зона, но сепак блиску до булевар. По две години обидувања, годинава наишле на соработка од Универзална сала.
„Ова ќе биде последен настан што се организира во Универзална сала, не само за годинава туку и пред реконструкцијата која се најавува за следната година. Универзална сала е духот на Скопје, многу генерации имале можност да следат настани овде но од поинакво светло. Драго ми е што со ваков настан го заокружуваме работењето“, вели Манев – Божинов.
Тој се пожали дека „Фејсбук“ го забрани пренесувањето на настанот иако организаторите најавија дека ќе се пренесува во живо преку нивната страница на „Фејсбук“. Настанот, Манев – Божинов, објасни дека се пренесувал во живо на „Јутјуб“, а посебно внимавале и на изборот на песни да не подлежат на авторски права.
Дел од присутните, задоволни од танцот на девојките прашуваа како може да им дадат по десет евра, на што Манев – Божинов одговори дека е невозможно.
„Ова е уметнички перформанс, култура. Не значи дека девојките на излог нудат сексуални услуги. Тие се сексуални работнички, но нивната улога е на скопјани да им се покажат, да се запознаат. Девојките на излогот се во улога на уметници“, објасни Манев – Божинов.
„Скопје Ред Лајт дистрикт“ е во организација на „Стар – стар“ – Прв колектив на сексуални работници на Балканот и партнерите ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини.