Нафтоводот да може да го користат сите увозници на дизел гориво, а цената за користење да ја формира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Ова е решението што го предлага Владата во однос на реактивирање на нафтоводот, кој веќе осум години не е во функција.
Владата на 24-тата седница ја разгледала информацијата за улогата на трговското друштво „Нафтовод“ ДООЕЛ Скопје во својство на малцински акционер во претпријатието за нафтени цевоводи Солун-Скопје, „Вардакс“ АД.
„Истовремено, Владата заклучи да се има предвид мислењето на Кабинетот на
заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија,
задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и
инвестиции, со укажување решението во однос на барањето на мнозинскиот акционер да се стави во функција на нафтоводот со цел истиот да пренесува нафтен дериват- дизел потребно е да се побара во рамките на Енергетската заедница.Поточно, истото да биде во рамки на третиот пакет европски директиви за енергетика каде за кој било инфраструктурен проект од енергетиката треба да важи начелото за конкурентност, при што секој активен транспортер (увозник) на дизел гориво треба да има пристап до истиот инфраструктурен објект. Воедно, неопходно е да се утврди дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија ќе ја пресметува и објавува цената за користење на нафтоводот како инфраструктурен објект“, пишува во записникот од владината седница.
„Мета“ веќе пишуваше дека нашата земја е една од ретките која на својата територија има нафтовод што не го користи. Во 2013 година беше стопиран транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје.
„Хеленик Петролеум“ преку нејзината компанијата „ЕЛПЕТ Балканики“ е мнозински сопственик на рафинеријата „Окта“ и сопственик на 80 отсто од капиталот во грчко-македонската компанија „Вардакс“, која стопанисува со нафтоводот. Останатите 20 отсто од нафтоводот се во сопственост на нашата земја.
Грците во текот на 2016 година во времето на минатата владејачка структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ најавија дека нафтоводот е исчистен од остатоците од сурова нафта и дека е приспособен за транспорт на дизел гориво. Тие ја обвинија тогашната Влада дека не дава дозвола за пуштање на употреба на нафтоводот иако тоа би било корисно за македонските граѓани и економијата бидејќи би се обезбедил сигурен и квалитетен транспорт на дизел, кој е убедливо најупотребувано гориво во нашата земја.
Премиерот Зоран Заев во октомври, годинава информира дека се во тек преговори околу пуштање на нафтоводот.
„Преговараме со ОКТА за пуштање на нафтоводот, а под кои околности, ќе се договориме. Како држава, изразуваме и желба за учество со акции во гасоводот од Александрополис, не само на компаниите“, рече Заев.
Нафтоводот почна со работа во 2002 година, има должина од околу 213,5 километри и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно. Транспортот на суровата нафта се одвиваше од терминалот на „Хеленик Петролеум“ лоциран во индустрискиот комплекс во Солун до терминалот во „Окта“.
Во 2012 година преку нафтоводот беа увезени 259.355 тони сурова нафта, односно за 62,18 отсто помалку количини на сурова нафта во однос на увезените количини во 2011 година. Кога почна со работа нафтоводот, транспортираните количини беа неколкукратно поголеми.