Утрински Весник
Свет

Британците по „грешка“ ослободиле осуденик од Албанија кој илегално влегол во земјата

Британците по „грешка“ ослободиле осуденик од Албанија кој илегално влегол во земјата

Еден од десетиците мигранти во Велика Британија, кои беа обвинети за нелегална миграција, а потоа ослободени поради технички пропуст, е наводно осуден убиец во неговата родна Албанија, пишува „Тајмс“.

Во ноември британските власти пресретнале рибарски брод крај брегот на Сафолк, наоѓајќи на бродот и апсејќи 69 Албанци. „Тајмс“ минатата недела откри дека Кралското обвинителство (КПС) ги отфрлило обвиненијата против сите нив поради технички пропуст: апсењата биле извршени пред мигрантите да стапнат на британско тло. Десет од илегалците веќе се изјасниле за виновни и ги почнале осумнеделните затворски казни.

„Дејли експрес“ тврди дека еден од оние на кои им била поништена казната бил осуден убиец, за кого велат дека во 1997 година убил жена пред нејзината осумгодишна ќерка. Таблоидот известува дека поради тогашните внатрешни политички превирања во Албанија, властите не го испитале целосно случајот. Албанските обвинители го обвиниле човекот во 2006 година. Тој првично бил прогласен за невин во 2008 година, но потоа бил прогласен за виновен следната година во Апелациониот суд и осуден на 15 години затвор со максимално обезбедување.

 

Реагирајќи на веста, Алп Мехмет, претседател на „Мајгрејшн воч УК“, рече: „За жал, овие настани се чини дека покажуваат оти интересите и безбедноста на јавноста што го почитува законот се помалку важни од дискутабилните права на оние кои треба да бидат отстранети поради страшни злосторства“.

Според весникот, Албанецот е во притворен центар и чека да биде депортиран. Не е познато дали поднел барање за азил. Минатата недела владата рече дека откако Велика Британија ќе ги напушти правилата и прописите на ЕУ на 1 јануари, ќе им забрани на мигрантите пресретнати на море да бараат азил.

Според Договорот од Даблин, Велика Британија може да ги отфрли барањата за азил ако мигрантот поминал низ безбедни земји – како што се Франција или Белгија – пред да пристигне во Велика Британија.

Сепак, тоа не се однесува на британските територијални води, каде мигрантите кои тврдат дека имаат потреба од спасување можат да бидат земени од крајбрежната стража или од граничните сили на Велика Британија и да не бидат обвинети за нелегален влез. Или во случајот со 69-те Албанци, да не бидат обвинети затоа што биле пресретнати пред да стапнат на британско тло.

Во декември беше објавено дека депортацијата на еден турски дилер на дрога е запрена со образложение дека враќањето во неговата матична земја – и самата членка на НАТО и апликант за членство во ЕУ – претставува кршење на неговите човекови права, бидејќи неговиот живот бил изложен на ризик поради неговиот криминал и врските со курдскиот сепаратизам.

Нелегалното пристигнување во Британија со чамци преку Ла Манш годинава се искачи на 8.500 илегалци – повеќе од четири пати повеќе од 2019 година – што резултираше во пренамена на армиските касарни во отворени мигрантски логори.

Во неделата беше откриено дека околу осум наводни баратели на азил ги напуштиле објектите без да остават адреса. Лидерот на брегзит, Најџел Фараж, ги критикуваше отворените центри на владата како опасни и закана за националната безбедност.

„Факт е дека секој може нелегално да дојде во Велика Британија, а потоа да побегне. Дека тие можат да го сторат тоа од армиските логори, сигурен сум дека повеќето луѓе ќе сфатат дека тоа не е само смешно, туку и потенцијално многу опасно. Франција во моментот ефективно ги затвора своите граници поради стравот од тероризам и мислам дека ова е прашање на национална безбедност“, рече Фараж.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Телефонски разговор Путин – Ердоган

Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија

Маж во Индија се разбудил миг пред кремирањето