Азиско-пацифичкиот регион може да прими вакцина против Ковид-19 дури кон средината на следната година, па затоа треба да продолжат мерките за заштита, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Првично, само ограничен број вакцини ќе бидат достапни и повеќето земји во Азиско-пацифичкиот регион би можеле да добијат пристап до вакцината дури во средината на 2021 година, рече директорот на СЗО за западнопацифичкиот регион Такеши Касаи.
„Веста за почетокот на вакцинациите во Велика Британија и САД е многу ветувачка“, рече Касаи на онлајн конференција за новинари од регионалното седиште на СЗО во Манила.
„Но, овие вакцини не се магично решение што ќе стави крај на пандемијата во блиска иднина“, истакна тој.
„Развојот на безбедни и ефикасни вакцини е една работа. Друга работа е да се произведат во соодветни количини и да се доставуваат до сите на кои им се потребни“, додаде тој.
„Ова значи дека и покрај тоа што сите сме уморни од оваа пандемија, мора да продолжиме да се придржуваме кон мерките и однесувањето што не штитат не само нас, туку и оние околу нас.
Особено Касаи ги повика на претпазливост помладите, социјално поактивни луѓе, можеби и оние под 40 години“, додека регионот се подготвува да ги одбележи Божик и Нова година.
Тој апелираше до младите да запомнат дека тие можат несвесно да го пренесат вирусот на нивните родители, баби и дедовци, соседи и пријатели кои можат да имаат други болести, а со тоа и поголем ризик за развој на потешка форма на Ковид-19.