Утрински Весник
Економија

Преку платформата „CareerHub“ ќе се поврзуваат компаниите и младите што бараат работа

Преку платформата „CareerHub“ ќе се поврзуваат компаниите и младите што бараат работа

Започна со фунцкионирање новата платформа „CareerHub“ која служи за поврзување на младите лица со компаниите или институциите кои нудат некаков ангажман. Платформата е изработена во рамки на проектот „МладиХаб – Дигитална младина“, финансиран од Британската амбасада, а имплементиран од страна на Националниот младински совет на Македонија во партнерство со МАСИТ.

„CareerHub“ e македонска платформа чија функција е да ги поврзува лицата кои се во потрага по работен, хонорарен, волонтерски или практикантски ангажман и компаниите, организациите и институциите кои имаат потреба да го зајакнат својот тим.

На „CareerHub“ може да се регистрира секој што бара било каков вид професионален ангажман – без разлика на местото во кое живее, возраста, степенот на образование, работниот статус, искуството и слично. Регистрацијата е едноставна и бесплатна и може да се направи на три јазици: македонски, албански и англиски.

Оваа платформа се очекува значително да го олесни пристапот на младите луѓе во земјата до професионалниот ангажман што го посакуваат, како и на компаниите до кадарот кој им е потребен, вели Весна Радиновска, координатор на проектот „МладиХаб – Дигитална младина“.

„CareerHub ќе им овозможи на младите пристап до различни категории ангажман: практикантски, хонорарен, работен ангажман со полно или скратено работно време. На овој начин, со единствена регистрација на младите им се обезбедува широк спектар на можности за започнување на нивната кариера и правење на првите чекори кон економска независност“, објаснува Радиновска.

Кандидатите што ќе се регистрираат на платформата, можат во секое време да пребаруваат и да аплицираат на некој од огласите за работа, практиканство или волонтирање. Регистрираните работодавачи исто така во секое време можат да објавуваат оглас, да следат статистика на посетеност на огласите што ги објавиле и да пребаруваат по апликациите доставени на огласот.

Радиновска вели дека за почеток ќе започнат со поврзување на кандидати и работодавачи од земјата, но со тек на времето, како напредува „CareerHub“, во план е проширување на платформата надвор од границите на нашата држава.

„Иако платформата јавно ја лансиравме пред неколку денови, веќе имаме регистрирано солиден број работодавачи и од приватниот, но и од невладиниот сектор на кои исто така им е потребно кадровско зајакнување“, вели Радиновска.

Најголема побарувачка на платформата, според неа се очекува да има за вештините кои се покриваат со обуките во рамки на проектот „МладиХаб – Дигитална младина“, како дизајн, дигитален маркетинг, проектен менаџмент, програмирање, но и за вештини поврзани со преведување, право, сметководство и слично.

Платформата автоматски пресметува колку профилот на еден кандидат одговара на барањата за конкретната позиција понудена од некој од работодавачите. Корисниците на платформата можат да комуницираат преку пораки и да го оценуваат перформансот на другата страна.

„Платформата нуди и можност за оставање препораки што сигурно ќе биде значаен адут во процесот на барање професионален ангажман“, појаснува Радиновска.

Користењето на „CareerHub“ е бесплатно. Повеќе за проектот, како и актуелните огласи за работа или практикантство можат да се најдат да официјалната веб страна на „CareerHub“.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година