Американските власти сооппштија дека покренале обвинение против канадскиот моден магнат Питер Нигард по девет точки, вклучувајќи рекет и трговија со секс.
Канадската полиција го приведе Нигард , а американските власти бараат негова екстрадиција.
Обвиненијата во вторникот во Њујорк ги најави вршителката на должноста американски обвинител Одри Штраус, ФБИ и њујоршката полиција.
Во обвинението се наведува дека наводните злосторства произлегле од децениското криминално однесување што резултирало во најмалку десетици жртви во САД, Бахамите и Канада, меѓу другите локации, се вели во соопштението на канцеларијата на американското обвинителство во јужниот округ на Њујорк.
На почетокот на годинава американските сојузни власти извршиле претрес во седиштето на неговата компанија во Менхетн, откако десетици жени поднеле тужба тврдејќи дека Нигард ги намамил на имот на Бахами, со ветувања дека ќе им помогне да станат манекенки, а потоа ги силувал и содомизирал, пренесе „Ројтерс“. Некои од нив тврдат дека тогаш имале 15 години.
79-годишникот ги негираше обвинувањата за незаконско постапување.