Во Словенија се потврдени 2.107 нови инфекции со коронавирус во последните 24 часа, а починале 39 лица, објави словенечката влада, која денес со експертите го утврдува режимот на ограничување за време на претстојните празници.
Во последните 24 часа се анализирани 6.579 брисеви, што значи дека 32 проценти од тестовите се позитивни.
Ситуацијата во болниците и натаму е тешка, иако бројот на потврдени нови инфекции е малку намален во споредба со пред една недела, изјави портпаролот на владата за Ковид-19, Јелко Кацин.
Во моментов се хоспитализирани 1.251 пациент, што е за 33 помалку отколку во вторникот, додека бројот на пациенти во одделенијата за интензивна нега на ковид-болниците е за седум помалку и изнесува 211.
Бројот на хоспитализирани на неделно ниво опаѓа, но многу бавно, рече Кацин.
Словенечката влада денес се состанува со епидемиолози и други експерти за Ковид-19, а одлуката за мерките што ќе важат за време на празниците треба да биде донесена на седница во четврток, кога според најавите ќе го продолжат времетраењето на мерките на вториот бран на епидемијата за уште еден месец.
Министерот за здравство Томаж Гантар изјави дека се залага за строги рестрикции за време на претстојните празници, па и „затворање“ на економските активности во време кога широко се користат годишни одмори, што ќе предизвика „најмала штета“ на економијата, како и затворање на сите продавници, освен оние за намирници.