Отворањето „Центар за работа со талентирани ученици“ е еден од проектите кој денеска беше поддржан на седницата на Советот за развој на Скопски плански регион. Учениците од општините Центар, Карпош и Кисела Вода ќе можат да реализираат едукативни работилници во рамки на основното училиште „Димитар Миладинов“, кое е лоцирано во Центар.
Просторот во рамки на оваа образовна установа е со површина од 120 м2 и истиот ќе биде поделен на три посебни простории. Со одобрените средства од 6 милиони денари, од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој ќе се набави соодветна опрема за функционирање на овој едукативен центар и тоа: опрема за планетариум и физика, био – хемиска лабораторија и лабораторија за уметности.
Носител на овој проект е Општина Центар, а партнерски општини се Карпош и Кисела Вода. Центарот за талентирани ученици ќе овозможи вмрежување меѓу талентите од трите општини, размена на знаења и искуства, стекнување на нови вештини и подготовка на младите за домашни и меѓународни натпреварувања.
Локалната самоуправа континуирано ги поддржува младите ученици. На последната седница на Советот на Општина Карпош беа одобрени и стипендиите за талентирани ученици и спортисти, кои претставуваат финансиска поддршка за oсновците и мотив да продолжат со нови достигнувања во науката и спортот.