Утрински Весник
Македонија

Милевски: Спроведуваме широк процес на консултација за новата Програма за локален развој и децентрализација

Милевски: Спроведуваме широк процес на консултација за новата Програма за локален развој и децентрализација

Министерството за локална самоуправа почнува со подготовка на нова Програма за локален развој и децентрализација, документ со кој Владата ги определува целите и приоритетите за развој на локалната самоуправа и спроведувањето на процесот на децентрализација, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

„ Документот ќе биде 6 годишен и ќе биде покриен со два тригодишни Акциски планови. Програмата ја подготвуваме со поддршка на УНДП. Програмата за локален развој и децентрализација е документ кој што секторски навлегува во политиките на скоро сите министерства и затоа е неопходно директно учество на сите, вклучувајќи и други надлежни институции, ЗЕЛС, локалните власти и граѓанскиот сектор. Од денеска во наредните 10 дена, секој ден ќе се одржуваат тематски консултативни он-лајн состаноци со сите засегнати страни“, порача тој.

Како што објасни Милевски целта на документот е да се одредат приоритетите и мерките кои ќе ја подобрат функционалноста на локалната самоуправа од сите аспекти.

„ Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП во изминатите две години има организирано десетина форуми на кои што имаа можност сите инволвирани страни да ги пренесат своите знаења и искуство. Во целиот процес влегуваме подготвени, со веќе скицирани приоритети кои што и во наредните денови ќе бидат дискутирани. Исто така ќе биде разгледана и правната рамка и евентуална потреба од нејзино менување“, рече Милевски.

Според Милевски, приоритет на Владата е децентрализацијата да продолжи во сите области каде што условите се зрели за пренесување на нови надлежности и соодветни финансиски средства.

Едно од клучните прашања е фискалната стабилност и одржливост на општините. Тука очекуваме најголем придонес од Министерството за финансии и од министерствата кои што финансираат надлежности преку блок дотации. Предлагаме воведување на систем за порамнување како поддршка на помалите и посиромашните општини и систем за перформанси, како награда за поуспешните. Исто така и преиспитување на блок дотациите, за да обезбедиме поправична распределба на средствата за сите општини. Наместо институционална да обезбедиме функционална децентрализација, рече тој.

Вториот исто толку важен приоритет што го посочи Милевски е локалниот економски развој, како и подинамичен, зелен локален раст и развој.

„ Акцентот го ставаме и на услугите-административните, преку нивна дигитализација, комуналните, социјалните услуги кои што се споделена надлежност меѓу локалната и централната власт и секако потребата од подобрување на механизмите за транспарентност, отчетност и вклученост на граѓаните“, рече Милевски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме