Утрински Весник
Македонија

Со „Раката на Венера“, нашиот тим „eBionics“ победи на глобален младински натпревар во Њујорк

Со „Раката на Венера“, нашиот тим „eBionics“ победи на глобален младински натпревар во Њујорк

Денес во Њујорк, УНИЦЕФ заедно со партнерите ги прогласи осумте победници на глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020. Меѓу нив, во категоријата севкупни победници на возраст под 18 години, победник беше тимот „eBionics“ со решението „VenusArm“ (Раката на Венера) – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет, информираат од УНИЦЕФ.

„Пресреќни сме и благодарни за признанието и вербата во нашиот тим и во потенцијалот на идејата. Возбудени сме што овој предизвик ни дава можност да ја претвориме нашата идеја во реалност и да допреме до што е можно повеќе луѓе ширум светот “, рече Орхан Багашов, лидер на тимот.

Оваа година глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020 се одржа во 36 земји од целиот свет, а учествуваа над 180 тима. Ова е вторпат младите од Северна Македонија да добијат глобално признание. Во 2019 тимот Андромета се најде меѓу светските победници со нивната мобилна апликација Speak Out за поддршка на менталното здравје и заштита од врсничко насилство меѓу младите.

„Земјава треба да биде исклучително горда што втора година по ред има победник на глобално ниво. Тоа е доказ дека тука има млади со огромен потенцијал и нагласува колку е важно да се вложи во нив за да се создадат можности за иновации и социјално претприемништво“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

На националниот младински предизвик Генерација без граници кој се одржа порано годинава со поддршка од Фондацијата Македонски Телеком, тимот „eBionics“ заедно со тимот „Mind Benders“ со нивното дигитално ресторанско мени беа одбрани да се натпреваруваат како дел од глобалниот предизвик.

Идеите на победничките тимови ќе придонесат за успехот на Generation Unlimited – амбициозно мултисекторско јавно-приватно глобално партнерство чија цел е да одговори на итните потреби за проширување на можностите за образование, обука и вработување на младите со еден досега невиден опфат.

Инаку, членови на победничкиот тим од нашата земја се Орхан Багашов (лидер на тимот), Борис Ночески, Анамариа Илиева и Тео Китановски, со менторска поддршка од проф. д-р Иван Чорбев.

Нивното решение има за цел, Venus Arm – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет да го подобри пристапот до протетички помагала. Тимот дава упатство и насоки кои ќе им помогнат на лицата да направат протетичка бионичка рака.

Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра. Дознајте повеќе за нив и за другите глобални победници овде.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Левица: ДПМНЕ дрско го одби амандманот на Левица за решавање на проблемот со депонијата во Кочани

СДСМ: Апсурдно, Мицкоски врши партизација а ветува деполитизација

Спасовски со честитика за 55 години постоење на Хеликоптерската единица на МВР