Утрински Весник
Свет

САД ја одобрија вакцината на „Фајзер“, вакцинацијата ќе почне за 24 часа

САД ја одобрија вакцината на „Фајзер“, вакцинацијата ќе почне за 24 часа

Здравствените власти на САД, компаниите за транспорт и болниците се подготвени итно да започнат кампања за масовна вакцинација без преседан откако федералните регулатори ја одобрија првата вакцина против Ковид-19 во САД. Претседателот во заминување, Доналд Трамп, кажа дека вакцинацијата ќе започне за помалку од 24 часа, пренесува „Ројтерс“.

„Првата вакцинација ќе се изврши за помалку од 24 часа. Горд сум што можам да кажам дека обезбедивме бесплатна вакцина за сите Американци“, кажа Трамп во видеото објавено на „Твитер“.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) вчера одобри итна употреба на вакцината развиена од „Фајзер“ со нејзиниот германски партнер „Бионтек“, што покажа 95 процентна ефективност во спречувањето на Ковид-19.

Велика Британија, Бахреин, Канада, Саудиска Арабија и Мексико веќе ја одобрија вакцината на „Фајзер“, а Советодавниот одбор на САД следната недела треба да разговара за одобрување на вакцината на „Модерна“.

Бројот на починати од коронавирус во САД се приближува до 300.000, а здравствените системи се веќе преоптоварени. Уште 2.902 смртни случаи беа регистрирани во САД во четвртокот, еден ден по рекордните 3.253, и таа стапка се предвидува да продолжи во текот на следните два до три месеци, дури и со зголемувањето на распределбата на достапните резерви на вакцини.

Државата Њујорк очекува да добие 346.000 дози од вакцината на „Модерна“ во недела на 21 декември, заедно со 170.000 дози од вакцината на „Фајзер“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници