Словенечкиот претседател Борут Пахор изрази разочарување на форумот 2БС (То be Secure) во Подгорица, за тоа што политиката за проширување моментално не се наоѓа високо на агендата на Европската Унија.
„ Навистина жалам што Брисел моменатлно е преокупиран со други проблеми, почнувајќи од здравствената криза, преку брегзит и други проблеми, па проширувањето на Унијата на земјите од Западен Балкан не е приоритет“ истакна Пахор на 10-от јубилеен форум.
Како што пренесува ЦдМ, Пахор рекол дека Брисел донел мудра одлука веднаш да ги унапреди преговорите со земјите кандидати од ова подрачје, секако, под услов тие „да ја завршат својата работа“.
Тој нагласил дека за земјите од Западен Балкан е обесхрабрувачки тоа што се случи со Северна Македонија.
„ Оваа земја исполни се што беше побарано од неа, направија се што требаше да се направи, а Европската унија застана“ рекол словенечкиот претседател, нагласувајќи дека тоа е голема грешка која ќе биде тешко да се исправи.
„ Моја задача е да ги потсетам моите колеги дека ова прашање не смее да се занемари“ истакнал Пахор.
Тој порача дека би било добро ЕУ да ги набљудува земјите од Западен Балкан како еден блок и така да ги прими во Унијата.