Утрински Весник
Македонија

МОН: Матура мора да има, не смееме да правиме компромис со квалитетот на образованието

Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес. Образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Министерството за образование и наука нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

„ Иако, оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел. Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите“ истакна Царовска.

Мионистерката и претставници од министерството веќе се сретна со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано.

„ Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача. Средношколците на состаноците беа известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и секако со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно. Исто така, Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците“ додаде министерката.

Државната матура, рече Царовска, којашто е и законска обврска се одржува во сите европски земји и земји во регионот и покрај пандемијата. Истакна дека успешно се реализирала минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година. Таа нагласи дека Северна Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики.

„ Министерството за образование и наука заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка“ заклучи Царовска.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Штерјова: ОЈО да отвори истрага, има ли одлука на Собранието на Лотарија за лотото на Мицкоски од 5,5 милиони евра 

Стружанец починал по пад во ископ за бунар

Расчистена серија тешки кражби во пет градови, уапсени две лица