100 дена влада на СДСМ – 100 маки за земјоделците, 20.000 тутунопроизводители не можат да го пласираат родот, патат и оризарите и лозарите, обвини Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Изневерени и излажани се тутунарите, лозарите, градинарите, сточарите, излажани се сите земјоделци во Република Македонија. Од ветените инвестиции во земјоделството нема ништо. Субвенциите доцнат, нема инвестиции во водостопанството, нема привлекување и изградба на нови преработувачки капацитети. Едноставно кажано министерството и владата на Зоран Заев немаат стратегија за подобро земјоделско производство во Република Македонија“, рече тој.
Трипуновски обвини дека Владата на Зоран Заев нема решение за преку 20.000 семејства тутунопроизводители, кои во моментов, како што кажа, не можат да го пласираат својот труд.
„Проблемите во овие 100 дена немаат крај, а за тоа за жал се сведоци и лозарите од Тиквешијата, кои својот род оваа година го предадоа по цена од мизерни 2 денари за килограм грозје. Замислете мизерни 2 денари за килограм грозје. Тоа е греота и срамота. Заев ги остави на цедило и сточарите, кои се уште ја чекаат субвенцијата која што им следува. Со истата мака се соочуваат и оризарите од кочанско, кои што оваа година покрај неисплатените субвенции, не можат да го продадат ниту родот свој“, рече Трипуновски.
Тој кажа дека Заев кој пред 4 години ветувал сигурен откуп и високи откупни цени за земјоделските производи, само за да дојде на власт.
Трипуновски рече и дека акумулациите се речиси на биолошки минимум.
„Покрај вештачките акумулации на раб на опстанок е и Преспанското езеро, езерото кое ни е заштитено со закон. Исто така нивото на Охридското езеро е на 2 сантиметри под биолошкиот минимум, со што е загрозен целокупниот биодивирзитет“, рече тој.