Утрински Весник
Македонија

Усвоени измени на 8 закони од областа на животната средина, казните ќе се зголемат до 20 пати

До 2040 година ќе ни требаат 1,5 милијарди евра за енергетска ефикасност на зградите (инфографик)

Владата денеска ги усвои предлозите за измени и дополнувања од Министерството за животна средина и просторно планирање во 8 закони од областа животна средина:  Законот за квалитет на амбиентен воздух, за животна средина, за заштита на природата, за водите, за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, за планински патеки, за заштита од бучава и Законот за генетски модифицирани организми.

Овие законски измени се усогласени со Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор, при што е предвидено и дополнително зголемување на висината на глобите, до 20 пати, соопштија од Владата.

„Неопходно е Собранието да ги донесе измените на Законот за прекршоците и се надевам дека тоа ќе биде сторено во најкус можен рок, за да можат да бидат усвоени и овие клучни измени во областа на управувањето со воздухот и контаминираните подрачја и да започне спроведувањето на измените и во пракса“, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Со повисоките глоби за прекршоци во животната средина и со воведување на обврската за надоместување на штетите, се очекува обезбедување поголема заштита на животната средина и превентивен ефект кај загадувачите.

Покрај покачувањето на висината на глобите, во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух се предвидени попрецизни обврски за локалната самоуправа за изработка на Планови управување за воздух, со конкретни и задолжителни мерки: регулација на транспорт, индустрија, работно време, ослободување на ранливи групи и слично.

„Особено во зимскиот период имаме надминување на среднодневните гранични вредности на концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 суспендирани честички во градовите низ целата држава и има потреба од спроведување на краткорочни и среднорочни мерки намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Постоечкиот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација се покажа како тешко применлив, и поради тоа со измените и дополнувањата на Законот се појаснуваат надлежностите и процедурите за изготвување и усвојување на планови за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови“, стои во соопштението од Владата.

Во Законот за животна средина, пак, главната измена е во поглед на контаминираните подрачја, кои ќе можат формално да се идентификуваат, покрај тоа има измени во висината на надоместоците за животна средина, заради стимулирање на поеколошки моторни возила, а предвидена е и можноста за усвојување на задолжителни еколошки стандарди.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !

Средба на лидерот на СДСМ, Филипче со Претседателката Сиљановска-Давкова

Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати