Итно стопирање на сите инфраструктурни активности во Националниот парк „Маврово“ сè додека не се спроведе анализа за кумулативните влијанија на сите проекти врз вредностите на паркот и донесување на закон за Маврово, бараат од невладината организација „Еко свест“. Од таму посочуваат дека и покрај тоа што големите хидропроекти Бошков Мост и Луково Поле се минато, во Маврово беа доделени голем број концесии и за изградба на мали хидроелектрани, се случуваат и други инфраструктурни зафати, а паркот функционира без нов Закон и план за управување. Во случајот со овој национален парк, спорна е Студијата за валоризација поради зонирањето кое во 2015 година, посочуваат екологистите, покажа „кроење“ на зоните за потребите на хидро-инвеститорите и оттогаш, процесот е стопиран.
„На Маврово му се заканува и постојан инфраструктурен развој, на што сме сведоци во последниот период, а без закон и план за управување со паркот, ваквите активности можат да бидат погубни за живеалиштата и видовите во паркот, но и за луѓето“, вели Ана Чоловиќ- Лешоска од „Еко-свест“, која за кампањата за спас на Маврово во 2019 година ја доби престижната Голдман награда. Таа посочува дека без закон за Маврово, но и без нов Закон за природа го ставаме под ризик еден од најстарите Европски паркови и ги повика Владата и Министерството за животна средина да покажат поголема посветеност на случајот.
Случајот Маврово, информираат од „Еко свест“ се разгледуваше и на последната 40-та седница на Постојаниот комитет на Бернската конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа, каде беше констатирано дека и покрај повлекувањето на проектите Бошков Мост и Луково Поле на паркот му претстојат нови закани. Поради пандемијата оваа година беше одложена експертската мисија од Бернската Конвенција, која требаше да даде препораки за Маврово, но и за другите заштитени подрачја во рамки на Емералд мрежата, која е од значење за целиот Европски континент, вклучувајќи го и Охридското езеро. Според Бернската конвенција, спроведување на експертска мисија во Македонија е од најголем приоритет.
Во 2013 година „Еко-свест“ поднесе жалба до Бернската Конвенција во врска со изградбата на Бошков Мост и Луково Поле со образложение дека се во спротивност со постулатите на Конвенцијата која Македонија ја ратификуваше во 1997 година. Во 2015 година, Постојаниот комитет на Бернската Конвенција донесе резолуција со која бара од Владата на Македонија да ги суспендира сите планирани хидро проекти се додека не спроведе стратегиска оцена на севкупното влијание на сите планирани проекти во паркот. Воедно, во резолуцијата се бараше меѓународните финансиски институции кои ги поддржуваа Бошков мост и Луково поле, да ги преиспитаат своето учество во истите. Набргу потоа, Европската банка за обнова и развој и Светската банка се откажаа од своите проекти, а во 2018 година Владата на Република Македонија ги повлече Бошков Мост и Луково Поле од својата нова Енергетска стратегија.