Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Нема да го потпишам законот за градба ако во него не се имплементирани сугестиите на лицата со попреченост

Пендаровски: Нема да го потпишам законот за градба ако во него не се имплементирани сугестиите на лицата со попреченост

Претседателот Сево Пендаровски искажа ветување дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за градба доколку во него не се имплементирани главните сугестии на лицата со попреченост, а коишто предвидуваат новите објекти да бидат пристапни за лица со попреченост.

По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Пендаровски денеска се сретна со претставници на Националниот совет на инвалидиски организации на Македонија.

Посочувајќи дека нашата земја пред речиси една деценија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, претседателот Пендаровски истакна дека како држава и натаму заостануваме со нејзина целосна и доследна имплементација. Тој кажа дека крајно време е да се имплементираат одредбите на Конвенцијата, особено членовите 5 и 9, односно, правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

„Потребно е надлежните институции со директна поддршка и вклученост на претставниците од организациите на лицата со попреченост, поефективно да пристапат кон имплементација на споменатите членови. Исто така, неопходно е лицата со попреченост и нивните организации да бидат вклучени во мониторингот, во надзорот над имплементација на Конвенцијата, при што мора да се изнајдат соодветни модалитети за вашето учество во мониторингот за тој да не биде само формалност“, потенцираше претседателот Пендаровски.

На средбата со претставниците на здруженијата со телесен инвалидитет, на глуви и слепи лица, здруженија на лица со интелектуална попреченост и цивилни и трудови инвалиди, претседателот Пендаровски рече дека мора да се зголеми динамиката со којашто државни институции работат на укинување на физичките и менталните бариери и имплементација на инклузивното образование, а со тоа и надминување на длабоко вкоренетите стереотипи.

„Институциите кои работат со лицата со попреченост неопходно е да имаат соодветни кадровски, финансиски и технички ресурси. Притоа, не смее да се прават компромиси и да се одложуваат процесите без разлика на сите економски, политички или како во моментов, здравствени предизвици и проблеми“, подвлече претседателот Пендаровски.

Во услови на пандемијата на Ковид-19, како што додаде претседателот Пендаровски, најзагрозени се најранливите категории наши сограѓани, на коишто им е потребна поддршка, солидарност и грижа. Во таа насока, заклучи претседателот Пендаровски, „покрај институционалните мерки кои се најважни во моментов, потребна е и зголемена индивидуална одговорност и ангажман на секој наш граѓанин. Сите ние како поединци можеме да придонесеме со нашето однесување, проактивност и одговорност“.

На средбата, претставниците на НСИОМ на претседателот Пендаровски му ги укажаа проблемите и предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат. Пред се, ја посочија непристапноста на објектите, недостапноста до образованието, невработеноста на лицата со попреченост, ниските надоместоци од државата, недостиг на соодветни помагала.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег