Министерката за образование и наука Мила Царовска, по денешната посета на ПОУ „Др. Златан Сремец“ , рече дека образовниот систем треба од една страна да ги пресретне потребите на децата со попреченост а од друга, да ги подготви сите деца да ги прифатат и заеднички да разговараат за различните потреби на другите деца со попреченост.
„ Се трудиме да создадеме образование кое ќе ги поттикне сите ученици да го постигнат својот максимален потенцијал. Специјалните училишта согласно Закон за основно образование треба до 2023 година да прераснат во Ресурсни центри коишто ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Токму затоа, пред две недели донесовме правилник и упатство на кој начин треба да се одвива соработката меѓу регуларните училишта и специјалните училишта, понатаму Ресурсни центри, на кој начин и во која динамика. Полека се подготвуваат специјалните училишта за оваа трансформација, затоа што секое дете треба да биде изложено на максимално добра развојна средина, опкружено со различни од себе, за на тој начин се стимулира да ги прифати различните од себе. Секое дете да може разбере дека сите сме еднакви но едноставно имаме различни потреби и различни можности“, изјави Царовска.
За прв пат образовните асистенти во учебната 2021/2022 ќе бидат финансирани од Буџетот и сместени формално во образовниот систем. И капиталните инвестиции во МОН се врзуваат со инклузивноста. Во повикот до општините за проекти кои ќе влезат во листата за инвестиции за наредната година, МОН како главен услов постави или објектот којшто треба да се реконструира да биде инклузивен и да има обезбедено пристап до сите простории или во самиот проект да биде предвидиена инвестиција за пристапност за да може да добие финансиска поддршка. Министерката Царовска укажа дека на ваков начин директно и системски се инвестира во подобрување на инклузивноста на училишните згради.
За зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација. Со првата, 12 образовни објекти, по 4 од основно, средно и високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите, со средства од ЕУ. Исто така, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение, се со цел да се поддржат семејства и учениците со основните материјали коишто им се потребни.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски истакна дека иако ова специјално училиште е во надлежност на државата сепак локалната самоуправа во партнерство со МОН дава неизмерна поддршка во обезбедување на подобри услови.