Утрински Весник
Македонија

Меѓународен ден на лицата со попреченост: Градење подобар свет по Ковид – 19

Меѓународен ден на лицата со попреченост: Градење подобар свет по Ковид – 19

Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица.

Годинава во фокус е градењето на подобар свет за лицата со попреченост, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив за време и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот. Лицата со попреченост во целиот свет, но и во нашата земја, сè уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството, кои се диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата.

„ Според претпоставките на Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација се соочува со некаков вид на попреченост. Попреченоста е дел од секојдневието, имајќи предвид дека секој човек, во некој период од својот живот, ќе се најде во ситуација на времена или трајна состојба на попреченост.

Пандемијата на Ковид–19 наметна сериозна закана по здравјето и животот на луѓето во целиот свет. Лицата со попреченост генерално се наоѓаат во поголем ризик од здравствени проблеми од останатата популација и додека попреченоста сама по себе не предизвикува поголем ризик од вирусот, многу лица со попреченост имаат специфична здравствена состојба, која ја прави болеста многу поопасна за нив. Непристапноста на информациите поврзани со вирусот, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот.

И ден денес ние се уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот. И покрај донесените закони, и покрај заложбите за креирање на инклузивно општество за сите, сè уште значителен дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и други лица кои се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, непристапна инфраструктура, дискриминација во образовниот систем и на пазарот на труд и многу затворени врати на институциите“ соопшти Хелсиншки комитет.

Имајќи предвид дека пандемијата е сè уште присутна и ефектите од нејзиното влијание ќе ги чувствуваме уште многу долго, потребно е да се донесат мерки кои ќе бидат креирани во согласност со потребите на лицата попреченост, со цел да ги намалат негативните ефекти од пандемијата, но и да овозможат понатамошно одржливо функционирање. Потребно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите процеси на креирање на политики, мерки и закони, кои го засегаат нивниот секојдневен живот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје