ВМРО-ДПМНЕ е партија во стечај со блокирани сметки и замрзнати недвижности, меѓу кои и мегаломанското квази барокно здание, седиште на партијата, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека извршителите тропнале на вратата во белиот дворец поради неплатени долгови направени за околу 270 уметнички слики во позлатени рамки со мотиви на поранешното раководство на партијата.
„Токму тогаш, додека партијата на Мицкоски се богатеше, голем број граѓани се соочија со извршителите, тонеа во долгови додека ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошеше парите од Буџетот. Сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од губитникот Мицкоски не е способно да менаџира со средствата и да си ги плати долговите. Па како тогаш од граѓаните бараат доверба да располагаат со државниот Буџет, кога не можат да го менаџираат ниту сопствениот, партиски буџет. Ова почитувани е доказ за расипништвото и недомаќинското работење на своевремено најбогатата партија во Европа“, вели Кузеска.
Владејачката партија прашува во чии џебови завршиле парите, особено што политичките партии добиваат и буџетски средства, пари од државата како помош во работата.
СДСМ заклучува дека Мицкоски успеал најбогатата партија во Европа да ја донесе во стечај, а сака да ја води државата.