Утрински Весник
Македонија

Наместо да ги плаќаат со пари, младите можат да посетуваат курсеви и обуки преку општокорисна работа

МладиХаб

Курсеви за програмирање, дигитален маркетинг, Фотошоп (Adobe Photoshop), Илустратор (Adobe Illustrator) и разни други обуки за дигитални вештини, кои, наместо да ги плаќаат од свој џеб, младите ќе можат да ги „исплатат“ со општокорисна работа, повеќе од една година нуди платформата „МладиХаб“ (MladiHub).

Овој проект го спроведува Националниот младински совет на Македонија во соработка со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

Целта на проектот е на младите лица да им се обезбеди пристап до обуки за дигитални и деловни вештини во замена за општокорисна работа, односно активност која е од значење за пошироката заедница. Со други зборови, младите ќе можат да учествуваат во активности кои се од интерес на заедницата и со тоа ќе си обезбедат пристап до обуки за деловни или пак дигитални вештини.

МладиХаб
Актуелни обуки / фото: МладиХаб

Координаторката на проектот „МладиХаб-Дигитална младина“, Весна Радиновска, објаснува дека на овој начин на младите им се обезбедуваат можности за личен и професионален развој, а истовремено се поттикнуваат да се ангажираат во заедницата. Националниот младински совет со години ја развивал идејата за овој проект.

„Она што ние сакаме е да им помогнеме на младите да ги развиваат своите вештини без да се изложуваат на трошоци, кои, за жал, голем дел од нив не можат да си ги дозволат. Истовремено, нашата мисија е да развиеме чувство на одговорност за заедницата и да поттикнеме создавање навика за вклучување во општокорисна работа кај младите“, објаснува Радиновска.

Обуките кои „МладиХаб“ ги нуди се за најразлични алатки и вештини, како што се MS Office, Дигитален маркетинг, Copywriting, проектен менаџмент, Adobe Photoshop, Adobe Illustrator, SEO, основи на програмирање и веб-дизајн, комуникациски и продажни вештини и многу други. Овие обуки траат од 4 до 20 часа и за да се учествува во нив не е потребно предзнаење.

„Нудиме мошне широк спектар на обуки кои траат од 4 па сè до 90 часа и сите млади, без разлика на тоа дали и колку искуство имаат, можат да најдат нешто што одговара на нивните желби и потреби. Обезбедуваме и понапредни обуки за кои е потребно да се има познавање од областа. Обуките за напредни ИТ вештини се: Data Science, Software Testing, UX design, Front-end web Development и Android Developer“, вели Радиновска.

MladiHub
Од обуката за WordPress / фото: „МладиХаб“

Обуките се наменети за сите млади лица на возраст од 15 до 29 години, без разлика на местото на живеење, работниот или образовниот статус, а спроведувани се од компании со долгогодишно искуство во областа, како „Интерворкс“, „Дата Мастерс“, „Семос Едукација“, „Бреинстер“, „Сивус“ и Економскиот факултет. Координаторката Радиновска вели дека проектот наидува на голем интерес од страна на младите во државата.

„Младите се многу заинтересирани и за обуките и за општокорисната работа. Сите обуки се со целосно пополнети капацитети. Фактот што обуките сега се спроведуваат целосно онлајн ни олеснува да допреме до младите од сите краеви на државата“, додава Радиновска.

Програмата за општокорисна работа пак, со која младите ги исплаќаат обуките, вклучуваат различни активности кои подразбираат доброволно вложување на времето и трудот на младите во корист на заедницата, нејзините членови и институции.

„Готвење и делење оброци за социјално-ранливи категории, чистење и пошумување јавен простор, пишување и уредување статии на Википедија на македонски јазик, изработка и донација на заштитни маски, обезбедување поддршка за непрофитни организиции околу логистика на настани, изработка на дизајни, веб-страници, преводи и слично, грижа за бездомни животни, различни активности со децата од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари и т.н. Најголем дел од активностите ги спроведуваме заедно со други организации и иницијативи и сите тие соработки навистина многу ни значат“, појаснува Радиновска и додава дека периодов се посветени на активности кои не наложуваат групирање заради актуелната состојба.

МладиХаб
Младите готват храна за социјално ранливи категории граѓани во замена за обуките кои ги посетувале / фото: „МладиХаб“

Прашана за идејата за проектот и зошто се одлучиле за понуда на обуки за дигитални вештини, Радиновска појаснува дека дигитализацијата е глобален тренд од кој никој не може да се изолира, а нејзиното големо значење е особено очигледно токму сега, во период на светска пандемија.

„Дигиталните вештини се веќе долго време меѓу најбараните од страна на работодавачите и оние што ги имаат генерално лесно доаѓаат до работно место. Од друга страна, деловните вештини како раководење со проекти, изработка на бизнис план, комуникациски, преговарачки и организациски вештини се секогаш потребни. И дигиталните и деловните вештини се клучен фактор за успех на професионален и личен план“, тврди Радиновска.

„Мета.мк“ разговараше со неколку млади луѓе кои ги имаат посетено обуките на „МладиХаб“ и ги праша за нивното искуство.

Борјана Арсова ги одбрала обуките за MS Excel, ИТ безбедност, SEO и хостирање на веб страна и вели дека тие се доволни за да им овозможат на младите да работат како почетници со изучените вештини, за приватни или професионални цели. Општокорисната работа со која ги исплатила курсевите биле од областа на заштита на животната средина.

МладиХаб
Садење растенија како општокорисна активност/ фото: „МладиХаб“

„Мојата општокорисна работа беше превод на материјали од македонски на англиски јазик во областа на зелени работни места како поддршка на НВО „Биди зелен“, изработка на заштитна маска за повеќекратна употреба во склад со моменталната ситуација, како и садење на растение. Овие три активности се погодија да бидат од областа на животната средина, па ова кај мене предизвика задоволство затоа што можев на некој начин да придонесам за подобро живеење и заштита на животната средина“, вели Арсова.

Гордан Митревски, пак, имал повеќе општокорисни активности кои биле од креативен, хуманитарен и еко карактер. Тој изработил илустрација за новиот проект на НМСМ, донирал три литри отпадно масло за јадење кои понатаму ќе биде преработено и донирано на ранливите категодии граѓани, а засадил и шест зимзелени дрва.

„Обуките кои ги имам поминато се “Почетен курс за програмирање”, “Software Testing”, “Adobe Illustrator” и обуката која во моментот ја следам е наменета за “Front-end developing”. Како резултат на овие обуки се стекнав со огромно знаење од овие области, благодарение на предавачите кои несебично го споделија своето знаење со нас и преку решавање и работење на реални проекти ни доловија како изгледа да се биде дел од ИТ светот“, вели Митревски.

Инаку, проектот „МладиХаб- Дигитална младина“ е финансиран од Британската амбасада. Координаторката Радевска најавува збогатување на понудата на обуки за деловни вештини и вели дека ќе продолжат да нудат обуки за дигитални вештини што се бараат на пазарот на трудот.

Младите можат да ги следат сите активности на „МладиХаб“ и да се информираат за обуките и курсевите на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.

Млади Хаб
фото: „МладиХаб“

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег