Утрински Весник
Македонија

Продолжени договорите на медицинските сестри од Здравствен дом – Скопје, понуда за вработување и за повеќе доктори

Продолжени договорите на медицинските сестри од Здравствен дом – Скопје, понуда за вработување и за повеќе доктори

Веќе од утре ќе им бидат продолжени договорите на медицинските сестри, кои беа ангажирани на определено време во Здравствен дом – Скопје, а чии договори за работа истекле на 31 октомври, потврди за Мета д-р Виктор Исјановски, директорот на институцијата. Како што тој информира, станува збор за четириесетина медицински сестри чии договори истекле заклучно со крајот на минатиот месец, а дека за продолжување на договорите, потребна била согласност од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Оваа институција го формира и одобрува буџетот за ангажман на кадар, па поладнево Фондот одлучил дека ќе има буџет за оваа намена за Здравствен дом – Скопје.

– Тие работат овде веќе две години, точно е дека им истекоа договорите. Во моментов не се на работа, но од утре почнуваат затоа што попладнево добив зелено светло дека буџет ќе има и дека од утре може да се вратат на работа – рече директорот Исјановски.

Во Министерството за здравство за Мета информираат дека на барање на министерот Венко Филипче, денеска Агенцијата за вработување до министерството доставила информации за невработени лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои ќе им биде понудено вработување во ковид-центрите низ државата.

– Дополнително, понуда за вработување добија и младите приватни специјализанти кои минатата недела остварија работен состанок со министерот Филипче. Тие веднаш прифатија да бидат ангажирани во ковид-центрите на интерните клиники, како волонтери, додека трае постапката за вработување. Минатата недела министерот се сретна и со претставници на група лиценцирани лекари кои преку социјалните мрежи алармираа дека се невработени. Иако беше најавено дека се работи за 50 лекари, желба за работа изразија само петнаесетина – велат во министерството.

Оттаму информираат дека во моментов има оглас за дополнителни вработувања и на Инфективната клиника.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи