Цената што странските студенти ја плаќаат во Тетово за приватни станови достигнува и до 350 евра. Поради немање студентски дом, студентката Б.А се жали дека има проблеми да најде цимерка, а нема пари станот да го плати сама. Од Министерството за образование и наука велат дека изградбата на студентскиот дом во Тетово е при крај, а објектот ќе има 305 легла, пишува Порталб.мк.
Студентите од Косово што студираат на Универзитетот во Тетово, а кои не можат да си дозволат да плаќаат кирија за стан, сега се приморани да патуваат и за обичен документ.
Студентката Б.А за Порталб вели дека тешко е да се најдат повеќе цимери, а цената на киријата не може да си дозволи да ја плаќа сама.
„Цената е висока ако сте двајца или сте сами, но не секој има можност да живее со само еден цимер или да најде уште тројца други“, вели за Порталб студентката на Универзитетот од Тетово, Б.А.
Според информациите од Министерството за образование и наука, изградбата на студенскиот дом треба да заврши во мај или јуни следната година.
„Тоа е инвестиција вредна 166,5 милиони денари и истата се реализира во согласност со планираната динамика. Со проектот подготвен од Универзитетот во Тетово, објектот ќе има 305 легла,“ соопштија од Министерството за образование и наука.
Покрај студентските соби за сместување, во студентскиот дом предвидено е да има и технолошка просторија, читална, сала каде студентите ќе можат да вежбаат фитнес, просторија за јадење итн.
Истиот ден кога Владата во 2016 година го одобри законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“ беше најавена изградба на студентски дом во Тетово, а истата година беше отворен и тендерот за изградба на овој студентски дом. Потсетуваме дека министер за образование и наука тогаш беше покојниот Абдилаќим Адеми.
Сепак, и покрај фактот дека тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, немаше одлука за започнување со работа, а оваа одлука беше официјално донесена на крајот на март 2018 година и беше предвидено да се финализира во април оваа година.