Утрински Весник
Македонија

Карантинот привремено го расчисти воздухот во Европа, но како последица од загадувањето сè уште умираат над 400.000 луѓе годишно

Загадувачите, преку јаглеродната такса, треба да ја финансираат зелената економија

Карантинското затворање на земјите, како одговор на ширењето на Ковид-19 што се случи пролетта, придонесе за значително намалување на емисиите на загадувачи на воздухот, особено од патниот транспорт, авијацијата и меѓународната трговија, нотира Извештајот на квалитетот на воздухот во 2020 година на Европската агенција за животна средина.

Сепак, загадениот воздух, кој е присутен и сега, и понатаму е причина за стотици илјади случаи на предвремена смрт во Европа. Според официјалните податоци на ЕЕА на стариот континент годишно над 400.000 лица фатално страдаат како последица од загадениот воздух. Македонија е една од земјите кај кои Евроската агенција, во 2018 година нотирала пречекорувања и на дневните и на годишните лимити на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Сепак, во извештајот се вели дека земјава, заедно со Бугарија и Кипар, влегува во позитивниот тренд на земји кои ги подобриле просечните годишни ПМ 10 концентрации во последната деценија.

Според ЕЕА, којз ги анализира влијанијата врз квалитетот на воздухот врз основа на податоците за мониторинг, пријавени од членките, преземени од Copernicus Atmospheric Monitoring Service (CAMS), годинава, за време на карантинот од 15 март до 15 април најголемото намалување, дури до 60 отсто, кое било независно од моменталните метеоролошки влијанија, е забележано на концентрациите на азотните оксиди, конкретно азот диоксид. Во истиот период, кога голем број држави ги затворија границите и го ограничија патничкиот, железничкиот и авионскиот сообраќај, пониски биле и концентрациите на PM 10 честичките, во одредени градови намалени и до 30 отсто.

Дополнително, во овој период се затворија и поголем број индустриски капацитети, работниците останаа дома, а тоа исто така допринесе за намалување на емисиите во воздухот. Воздухот, во вообичаените жаришта на високи концентрации на NO2, како што се северна Италија, западна Германија, Белгија и Холандија, во овој период имал сериозно пониски нивоа на загадување споредено со истиот период минатата година. Намалувањата, пак, се вели во извештајот биле многу пониски во земјите од Централна и Источна Европа, освен во Турција.

Со оглед на тоа дека некои држави беа многу порестриктивни во однос на забраните за движење од другите, тоа се отчитува и во процентите на концентрациите на полутантите во воздухот. Така, градови каде што најмногу паднале емисиите на азот диоксид се Барселона, за 59 отсто, Милано 54 отсто, Марсеј 49 отсто, Женева 47 отсто и Анкара за 46 отсто.

Нивоата на ПМ 10, пак, многу повеќе зависат од метеоролошките услови, како и од нивните извори во самата природа. И покрај тоа, во овој период од годинава и тие биле пониски во многу делови од Европа. Најголемите намалувања повторно биле регистрирани во Шпанија и Италија, со просечно намалување од речиси 40, односно 35 отсто, потоа во Франција и Норвешка каде концентрациите на ПМ 10 во овој период биле пониски за 25 отсто.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот