Државниот инспекторат за животна средина за три недели направил 68 редовни надзори и 25 вонредни контроли и издал 12 решенија за корекции на индустриските капацитети. Директорката Ана Петровска денеска информираше дека инспекторите ги посетиле „Дрисла“, „Макстил“, „Пејпер мил“ од Кочани, МЕПСО, „Фени“ и други компании, а деновиве ќе го посетат и БЕГ, кој неодамна резервираше поголеми количини на мазут, како можна замена за гасот.
Инспекторите утврдиле дека поголем дел од големите инсталации работат во рамките на нивните дозволени гранични вредности, но сомнежот останува за помалите инсталации кои имаат само елаборати за заштита на животната средина, кои пак не содржат прецизни обврски за нивоата на емисии. Инспекторатот иницирал и соработка со Пазарниот инспекторат за проверка на квалитетот на горивата кои се користат во земјава, а од кои многу зависат и емисиите во воздухот.
„Во Дрисла, по дојавата дека не работи филтерот констатиравме дека претпријатието во однос на условите во кои работи, ја одржува опремата и се грижи за контрола на емисиите. Во Пејпер мил, пак, беше откриено дека мерењата биле вршени од неакредитирана лабораторија, заради што беше извршено вонредно мерење. Во зависност од резултатот ќе определиме какви мерки ќе се преземат. Во МЕПСО беше откриено дека несоодветно се управува со отпадни материи, поточно отпадно масло. Нема да дозволиме загадувачите да загадуваат, ќе се прават вонредни контроли, а примероците ќе се испитуваат во акредитирани лаборатории да сме сигурни дека нема да се труеме“, информира Петровска.
Таа најави дека доколку инсталациите не постапат по препораките, ќе следуваат казни. Во моментов Инспекторатот работи и на изработка на карта на загадувачи во Скопје, која ќе им даде повеќе информации и увид на граѓаните за потенцијалните опасности во нивното место на живеење. Проблемот со Вардариште, според неа, е што депонијата е напуштена и нема оператор, а Градот Скопје е надлежен за санацијата. Петровска најави координирана акција за оваа црна точка каде што неформални собирачи палат кабли, која ќе ги вклучува министерствата за внатрешни работи и труд и социјални работи.
„Бројот на инспектори е многу мал, заради што со градските инспектори формираме мрежа на инспекциски органи за покоординирано дејствување. Се надевам дека идната година ќе бидат вработени осум нови инспектори со кои ќе се зголеми ефикасноста на институцијата. Во Скопје има само пет, а ни требаат уште толку. Во државата има само еден инспектор за природа и само двајца водостопански инспектори. Предизвикот е многу голем, бидејќи тие треба да работат во актуелната ситуација со пандемијата, и за викенд и во ноќни смени“, вели Петровска.
Инспекторите за животна средина контрола направиле и на Шар Планина на локациите на малите хидроцентрали, каде утврдиле дека на највисоката, каде се и најнапредни градежните работи, има потенцијална можност за загадување на каптажата за снабдување со чиста вода за Тетово. Направена е контрола и кај концесионерот за експлоатација за речен песок во Коњари, каде е утврдено дека концесијата издадена од Министерството за економија има пропусти.
Во моментот, информира Петровска, инспекторатот паралелно со секојдневните активности работи и на обновување на старата документација која изгоре во пожар. Електронската документација е сочувана, но хартиената верзија ја нема и ќе треба да се обнови.