Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, информира дека на денешната седница, Владата донесе неколку одлуки кои се од голема важност за заштита на природата во нашата држава.
Донесена е Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.
Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48807.16 хектари, a ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.
На оваа Седница, Владата донесе и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што МЖСПП ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.
Исто така, министерот Нуредини информира дека Владата го разгледа и прифати апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа. Рамсарската конвенција е потпишана од 170 земји, а Рамсарската листа брои 2.300 заштитени подрачја од меѓународна важност.